ГДУ: Ништо од СОФИСТИЦИРАНАТА фабрика за отпад!
Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Успешноста“ на локалната власт нема граници. За тоа се доказ последните анализи за загаденоста на воздухот. Имено ги рушиме сите можни рекорди и се вбројуваме во најзагадените градови во светот. Па затоа редно време е да им се заблагодариме на луѓето кои се грижат за тоа, а воедно ја имаат добиено и довербата на охриѓани да им обезбедат пристен и безбеден живот.
Пред само 3 години локалната власт се промени, на власт дојде СДСМ и едно од популистичките ветувањa беше и СОФИСТИЦИРАНАТА фабрика за отпад, која гледаме дека денес не ја ни спомнуваат, а зошто знаете и самите. Ништо од СОФИСТИЦИРАНАТА фабрика! Градоначалникот и Општината се бранат со молчење, додека пак директорот на комуналното претпријатие наведува дека со изградба на регионалната депонија проблемот делумно ќе биде решен. Кога тоа, во другиот мандат? На следните локални избори повторно ќе ветувате регионална депонија и СОФИСТИЦИРАНА фабрика? Доста ни е од вашите празни ветувања!
Тука мораме да ги спомнеме и грижливите браќа од ДПМНЕ кои сега тажат и жалат за ваквата состојба во која се наоѓа Охрид, а забораваат дека токму тие ветуваа регионална депонија и тоа кога имаа и локална и централна власт, со градоначалникот Никола Бакрачевски и не успеаја да го направат тоа што го ветија. На лицемерието му нема крај! Единствено што посакуваат и едните и другите се само власт и пари, што се однесува пак на Охрид и охриѓани видовме колку се грижите.
И за крај од името на ГДУ и од името на нашите сограѓани ве замолуваме да го оставите лицемерието и лажните ветувања и да се посветиме сите заедно на Охрид и да изнајдеме решенија за подобар и поздрав живот.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).