22/11/2024
Охрид

ГДУ: Охрид е се почесто на црната листа на загадени градови

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Во изминатиов период нашиот Охрид е се почесто на црната листа на загадени градови. Замислете град како нашиот Охрид влегува на такви листи и покрај изобилството од природната убавина која ја поседува! Езеро, шумски површини и дар од Бога, но сепак не постои нешто што не можат да упропастат сестринските партии СДСМ и ДПМНЕ.

Постојаната негрижа за градот од страна на власта го турка овој „бисер балкански“ во провалија. Од град кој е под заштита на УНЕСКО и град кој е од историска вредност, но не само за Македонија, туку и за целиот Балкан, успеаја со здружени сили да го опустошат. Град во кој владее безредието, беззаконието. Охрид сега единствено остана синоним за дивоградби и за богатење на партиските војници.

Жално е како СДСМ ги лажеше охриѓани и уште еднаш ги остави на цедило. Само пред три години во Охрид се ветуваше замислете гасификација, но од гасификацијата која ја ветуваа нема ни трага ни глас. Проблемите со загаденоста ќе ги решаваа и со модифицираната фабрика за отпад, но и од неа нема ни трага ни глас. Редно време е да им кажете на охриѓани каде изчезнаа тие ветувања.

И за крај од името на ГДУ и од името на нашите сограѓани ве замолуваме да се вразумите и да изнајдете решение за овој огромен проблем. Доста ни е од вашето лицемерно однесување и лажната грижа за градот, бидејќи само на зборови покажувате грижа, а на дело нема ништо добро само дополнително пустошење.

Охрид и охриѓани не го заслужуваат ова.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).