22/11/2024
Охрид

ГДУ: Замислете во Охрид засмета семејна куќа на патот кон УНЕСКО… Жалосно и срамно!

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Уште еднаш се покажува на дело некадарноста и селективноста на оваа власт и во чија корист работи локалната власт, на чело со градоначалникот Константин Георгиевски. Тука му е местото и на премиерот, кој упорно е дециден дека ќе се руши.

Сакаме да го прашаме премиерот, што ќе се руши? Партиско одобрение за градба на хотел во заштитен појас има, а ќе се руши семејна куќа во реон кој е надвор од заштитниот појас?!

Ова е вашето право лице, ова ли е животот за сите? Некој што е со членска книшка ќе гради хотел на крајбрежје, а обичните граѓани немаат право ни на семејна куќа доградба да направат? Клиентелизам?

Уште еднаш се докажа дека за обичните граѓани законот и те како важи, но кога е во прашање некој моќник во Охрид тогаш може и да се прогледа низ прсти.

Замислете во Охрид засмета семејна куќа на патот кон УНЕСКО, замислете најпроблематична стана градбата на еден обичен граѓанин која е надвор од заштитниот појас и замислете после пет месеци припрема за акција, од каде почна акцијата… Жалосно и срамно!

Ако се присетиме, неколку месеци наназад, ќе наидеме на голема небулоза, впрочем оваа семејна куќа за 50 сантиметри ја надмина висината и веднаш во акција влезе Општината со полициска поддршка итн. додека (несакајќи да ги навредиме сограѓаните од муслиманската заедница) минарето кое надмина 25 метри не заслужи ни коментар од градоначалникот Георгиевски, камоли од институциите.

Ние од ГДУ стоиме на својот став дека законот мора да важи подеднакво за сите, без исклучок, а не само за обичните граѓани. Воедно убедени сме дека градоначалникот и неговата партија работат на тоа да ги спасат своите финансиери од законот и да изнајдат решение да ги заобиколат нивните градби.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид.