Генерацијата “Millennials” го диктира трендот за патување
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија е добитник на престижната награда “Бренд Лидер 2018” за добрата промоција на најатрактивните дестинации на државата на меѓународниот пазар, а со тоа и големиот придонес кој го има дадено за јакнење на конкурентноста на туристичкиот пазар во целиот регион.
Осмата бизнис конференција за туристички пазар на Југоисточка Европа СЕЕТ 2018во Белград, Србија – Brand Leader Awards 2018, беше оддржана во духот на регионалната соработка, а директорот на Агенцијата за туризам, г-дин Љупчо Јаневски го претстави искуството за промоција на автентичните дестинации и исклучителните искуства кои се предизвик за новите патувачи пред 400 претставници на национални и локални туристички организации, компании и институции од регионот, ЕУ, Русија, Кина, Турција и Иран. “Заедничкото делување и регионалната соработка се исклучително важни, особено кога станува неопходност самоодржливоста. Свесни сме дека овој дел од Балканот има уникатен производ кој треба добро да го спакуваме и промовираме. Но, потребна е заедничка иницијатива и координација на сите инволвирани страни” – изјави Јаневски.
За време на излагањето на панелот Јаневски ја подвлече важноста на генерацијата Millennials (родени во текот на раните ‘80ти години па се до средината на ‘90тите) во туризмот поради фактот дека сега тие го диктираат трендот за патување. Важноста за туризмот на оваа генерација е фактот дека генерираат 180 милијарди долари во вкупниот годишен пригод од туризмот а бројот порасна за 30% во последната декада. Карактеристиките кои ја издвојуваат оваа генерација од другите е зависноста од социјалниот контекст – комуникациите и дигиталните технологии, што ја наложува потребата од интензивно користење на маркетинг алатките за промоција кои се на интернет. Непостојани, сонувачи, толерантни кон различностите, нарцисоидни, но и најобразовани за разлика од сите претходни генерации ги прави најсвесни за околностите, политичкиот, економскиот и социјалниот систем во кој се наоѓаат. Затоа се сметаат дека се најкомплексна генерација на која можеш да и пласираш реклама, но од друга страна се и најпосакуваната затоа што се глобално ориентирани, авантуристи и номади кои се во потрага по возбуда, а ултимативната цел им е да го посетат секој континент, да доживеат егзотика и возбуда.
Ние го нудиме токму тоа, потенцираше Јаневски на панелот на којшто се дискутираше за трендовите, потребите и идеите како регионов да биде во чекор со глобалните промени. Кинезите од друга страна пак се пазар кој има сосема различни потреби и навики, а ние мора да се подготвиме за нив зошто во последната декада станаа нација која најмногу патува, но и најмногу троши. Ова бара промени во нашата работа, капацитети, инфраструктура и идеи, што пак е дополнителен притисок на туризмот во регионов, истакна Јаневски на бизнис конференциајта SEET 2018 со што ја отвоти и поттикна дебатата и планирањето на претставниците на туристичката индустрија од балканот.
Наградата е потврда за работата на целокупната македонска туристичка индустрија како и заложбите на тимот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кои според податоците на Светската туристичка организација, успеаја Македонија да се вброи помеѓу првите пет најбрзо растечки дестинации во Европа. Балканот е во подем, а ние со нашата работа успеавме да го промовираме дополнително како регион и значајна дестинација за трети пазари, додека Македонија се издвои како лидер во овој регион поради растот од 18% во бројот на туристи и девизен прилив во првото шестмесечје на 2018та година зголемен за 26,5% од минатата година, изјави г-дин Љупчо Јаневски, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.