Георгиески: Големата предност која ја имаме е сигурен сигнал дека само заедно можеме и мораме да продолжиме напред
Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески, со соопштение до медиумите изрази благодарност до граѓаните за укажаната доверба и освоените гласови во првиот круг од Предвремените избори за градоначалник на Охрид.
„Охриѓани вчера уште еднаш ја покажаа и ја потврдија својата одлучност за подобра иднина на нашиот град. Имавме исклучително мирни, фер и демократски избори, на кои јасно беше изразена волјата на граѓаните. Големата предност која ја имаме, од над 2400 гласови, е сигурен сигнал дека само заедно можеме и мораме да продолжиме напред.
Искрено и од се срце Ви благодарам на укажаната доверба и поддршката која што ми ја давате мене, на Социјалдемократскиот сојуз и на коалицијата. Сигурен сум дека оваа поддршка ќе биде помасовна и поголема и за две недели, на 5-ти мај, во вториот изборен круг, кога ќе објавиме уште една голема победа во Охрид.
Имаме реални планови за доброто на сите граѓани, ги препознаваме приоритетите за развој на Охрид и цврсто сме определени да одиме напред, да работиме посветено за да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели во нашата Предизборна програма! Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка може да го направиме посакувано место за живеење и светска туристичка дестинација!
Само заедно со вас и со вашите предлози може да постигнеме многу! Нашата намера е чесна и препознаена! Одиме Заедно Напред!“ – истакна Георгиески.