Георгиески: Изградба на современи катни гаражи
Долги години наназад Охрид се соочува со недостиг на соодветен број на слободни паркинг места во шпицот на туристичката сезона, но и со недостиг на паркинг простор во урбаната зона, во текот на целата година. Оттука се наметнува потребата од изградба на современи Катни гаражи, – вели кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески.
„Во тек е подготовка Физибилити студија за изградба на Катна гаража на предвидената локација во близина на Градскиот пазар. Исто така во согласност со урбнистичките планирања предвидена е и изградба на Катна гаража и на просторот во близина на Спортско Рекреативниот Центар „Билјанини Извори“ на улицата АСНОМ.
Доколку има интерес кај одредени инвеститори, постојат можности овие две катни гаражи да се изградат по пат на договор за Јавно приватно партнерство. Ние како Локална самоуправа ќе ја дадеме потребната поддршка во однос на целокупната документација за градба и обезбедување на комуналната инфраструктура на просторот.
Според планираното, катните гаражи би биле изградени по сите современи стандарди кои се предвидени за ваков вид на објекти, со солиден капацитет за паркирање на моторни возила. Тие ќе претставуваат безбедни места за паркирање со прифатливи цени. Освен вообичаените паркинг места за патнички возила, во гаражите ќе има предвидено и паркинг места за лица со посебни потреби како и паркинг места за велосипеди. Паркирањето во објектите ќе биде организирано по модерна електронска технологија со влезно излезни терминали, наплатен терминал и информативен систем за следење на слободните паркинг места.
Мојата Предизборна програма е базирана на реални основи и проекции за остварливи проекти кои се од големо значење за охриѓани, но и за туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот најголем туристички центар.
Затоа на 5-ти мај, ајде уште еднаш заедно да ги поддржиме идеите за подобар Охрид! Мораме уште еднаш да ја искористиме дадената шанса за подобро утре, за подобри услови за живот за нас и за нашите деца.
Ајде да се одлучиме за уште една Голема победа во Охрид! Заедно, Напред!“ – истакна Георгиески.