27/11/2024
Охрид

Георгиески: Изминатите 4 години во Охрид е инвестирано како никогаш до сега

СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески.

„Благодарение на посветеноста на централната и локалната власт предводена од СДСМ, нашиот скапоцен бисер, нашето Охридско Езеро ја доби потребната грижа, која години наназад му беше ускратена.

Со отпочнувањето на реконструкцијата на Колекторскиот систем решаваме сложен и сериозен проблем, кој беше еден од нашите најважни приоритети. Особено ме радува фактот што со заедничка посветеност и упорност успевме да ја оствариме целта, а тоа е чиста езерска вода и чиста животна средина за нас и идните генерации.

За да се зачува езерото и статусот на УНЕСКО, беше формирано новото јавно претпријатие „Колекторски систем“ во кое Владата инвестираше 256 милиони денари за санација на најкритичните делови на колекторската линија.

Како локална власт бевме дел од целокупниот процес на формирањето на новото јавно препријатие и поделбата на МЈП „Проаква“, со што се решија долгогодишните проблеми со натрупаните милионски долгови, кои исто така беа сервисирани со поддршка на Владата.

Со цел да ја продолжиме заштитата на животната средина и на езерото, во текот на престојниот мандат вложуваме максимални напори за искористување на странските фондови за финансирање на проекти и поголема искористеност на донаторските средства за подобрување на целокупната инфраструктура за заштита на животната средина.

Приоритени проекти во планот за реализација се изградбата на пречистителни станици во селата Трпејца, Љубаништа, Косел, Лакочереј и Орман.

Изминатите 4 години се работеше вредно и напорно, со силна поддршка од централната власт. Во Охрид е инвестирано како никогаш до сега. Таа силна динамика мора да продолжи. Никој не смее да ги кочи проектите, бидејќи од проектите зависи квалитетот на животот на нашите граѓани. Најдобрите проекти носат развој, а развојот носи подобар живот.

Имаме јасна визија и конкретен план за сите сфери на општественото живеење, затоа на 17-ти октомври заокружете го бројот 12 и изберете го „Најдоброто за мојата општина“. На 17-ти октомври да донесеме уште една голема победа во Охрид.“ – истакна Георгиески.