26/11/2024
Охрид

Георгиески: Нашата предизборна програма е втемелена на вашите потреби и реални визии

СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески. 

„Пред нас се избори на кои сите ние, кои го носиме Охрид во срцето и душата, ќе треба да избереме локална власт. Тоа е право на секој од нас. И јас, со иста рамноправност имам право да бирам. И јас имам право на избор. Мојот избор е Охрид.

Да се бара мандат од своите, од вас охриѓани, е голема одговорност. Не само за мене, за било кого и било кога. Затоа што Охрид е повеќе од само обичен град. Охрид е светско наследство и национална гордост.

Водени од вашата доверба и поддршка, заедно со вас и мојот тим, цврсто чекориме по патот на промените. Горди сме што успеавме да започнеме една нова ера на поголема свесност и тоа што како генерација покажавме дека умееме да ја искористиме историската шанса, за да го зачуваме богатството, што ни е оставено во аманет.

Резултатите од нашата работа се видливи, постигнавме многу, но убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе. Сега е време да продолжиме со остварување на нови цели! Сега е време уште еднаш да се обврземе пред вас и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на градот. Охрид заслужува да биде град со најдобар квалитет на животот, град од кој луѓето нема да сакаат да си заминат, туку град во кој луѓето секогаш се враќаат и во кој ќе ги градат своите семејства.

Успеавме да ја оствариме нашата најважна мисија, а тоа е реализацијата на процесот на раздолжување на општината, со што исполнивме едно големо ветување со кое бевме обврзани пред вас.

Со плански менаџмент, направивме сериозни капитални инвестиции за реконструкција на важни градски сообраќајници и реализиравме низа големи проекти во сите основни и средни училишта, со што го подигнавме воспитно-образовниот процес на едно повисоко ниво. Бевме и остануваме исклучително посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО. Продолжуваме со уште посилно темпо во насока на зачувување на статусот на заштитен регион.

Врз основа на приоритетните потреби на заедницата, во текот на претстојниот мандат носиме нови и квалитетни решенија, за секој граѓанин да добие подобри услови во својата средина. Креираме проекти за подобра инфраструктурата, обезбедуваме подобро урбано планирање, заштита на животната средина, современ туризам, побрз локален економски развој и социјална сигурност за младите.

Нашата предизборна програма е втемелена на вашите потреби и реални визии. На 17-ти октомври да останеме посветени на вистинскиот пат! Ајде да продолжиме заедно да го развиваме Охрид, да го направиме посакувано место за живеење и внимателно да ја чуваме неговата уникатна природа и историја! На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 и да го избереме Најдоброто за Охрид!“ – истакна Георгиески.