23/11/2024
Охрид

Георгиески: Охрид добива современ градски кеј

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Константин Георгиески, денес одржа прес-конференција на која го најави новоизготвениот Проект за реконструкција на градскиот кеј.

„Кејот „Македонија” на брегот на Охридското Езеро во Охрид, со својата природна местоположба е една од главните атракции, најфреквентните и најпосакувани места за охриѓани и за туристите, кои секојдневно го посетуваат нашиот туристички центар.

Во минатото имало неколку активности за реконструкција и уредување на просторот на кејот, но со текот на изминатите години шеталиштето е многу амортизирано, а бетонот на постојната конструкција на крајбрежниот ѕид во најголем дел е еродиран и оштетен. Оттука се наметнува потребата од реализација на нов Проектот за реконструкција на кејот, како една од најважните туристички зони во градот.

Веќе имаме изготвено Проект за реконструкција, издадено е одобрение за градба и изработена е Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти од реконструкцијата. Вкупната процената вредност на проектот е околу 1,3 милиони евра и за негова реализација планирано е да се обезбедат средства од алтернативни извори на финансирање, како што се фондови или програми кои поддржуваат развој на туристичката инфаструктура.

Со реконструкцијата ќе се опфати должина од 992 метри квадратни на крајбрежниот дел во градската зона. Во рамки на реконструкцијата ќе биде изведена заштитна потпорна конструкција, а предвидено е отстранување на постоечките бехатон плочи и поставување на слој од полупропусен цемент, врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи.

Проектот предвидува и декоративни ѕидчиња од бетон обложени со камени плочки, врз кои ќе бидат поставени дрвени клупи. Исто така ќе биде поставена и нова урбана опрема како што се држачи за велосипеди, корпи за отпадоци, клупи, скали за пристап до водата, нови канделабри за осветлување, а ќе биде изведено и соодветно хортикултурно уредување.

Нашата цел е Охрид да добие јавни површини со современ лик, достојни за еден туристички и културен центар. Ние ги разбираме приоритетните потреби на заедницата, ги слушаме барањата на граѓаните и континуирано работиме на подобрување на условите за живеење.

Ветуваме реални и остварливи проекти, а граѓаните знаат да ги препознаат вистинските вредности. Само заедно можеме да го направиме Охрид подобро и посакувано место за живеење! На 21-ви април да излеземе и да гласаме за бројот 7 за подобра иднина на нашиот град! Заедно Напред, За Охрид!“ – истакна Георгиески.