Георгиески: Охрид долго време ќе закрепнува од владеењето и политиките на ДПМНЕ
Во врска со прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, со реакција излезе градоначалникот Константин Георгиески во која стои:
„Интересно, и за посебна анализа, е што после само 6 дена од изборната катастрофа што им ја испорачаа охриѓани, читачите на соопштенија од ВМРО ДПМНЕ, наместо да се извинат за сите злодела кон Охрид и да ја прифатат мојата отворена понуда заедно да работиме за доброто на Охрид и охриѓани, продолжуваат со лажни вести, инсинуации и со подгревање на ниски страсти. Мотивите сега им се уште пониски. Треба да си ги спасат сопствените позиции во партијата. Треба да си ги спасат своите политички кариери, какви-такви. Ова го прават за да го пресретнат повикувањето на одговорност од страна на членството за катастрофата што му ја испорачаа на изборите во Охрид.
По којзнае кој пат, исти луѓе со исти методи се обидуваат да постигнат поинаков резултат. Денес ниту 100 пати кажана лага не може да стане вистина од проста причина што фактите се лесно достапни, а изјавите проверливи. Потценувањето на интелегенцијата и чувствата на охриѓани ќе се врати како бумеранг на оваа структура во ОК на ДПМНЕ, како што впрочем и се случи пред само една недела.
Охрид долго време ќе закрепнува од владеењето и политиките на ДПМНЕ.
Јас, со уште поголем мотив и елан продолжувам да работам за доброто на Охрид и охриѓани. Мојот единствен мотив е Охрид.
Во таа борба, моја рамка се постоечките регулативи затоа што само правна држава гарантира континуиран и оджлив напредок на сите нивоа. Во таа насока, јас како градоначалник и општинската администрација ги превземаме сите мерки кои се во наша надлежност да се справиме со проблемите и негативните појави во нашето секојдневие. Неопходно е и сите други институции и останати засегнати страни да ја извржуваат ефикасно својата работа.
Во правната држава, политичката одговорност е императив. Во политички одговорна средина не може едно да правите кога сте на власт а друго да зборувате кога сте во опозиција. Охридската, но и пошироката јавност, многу добро знае кој носеше закони кои стимулираа дивоградби, кој гласаше ДУП-ови кои го стимулираа урбанистичкиот хаос во градот и под чие водство институции издаваа решенија кои истите тие структури сега ги спорат.
Во оваа борба, за подобрувања во Охрид преку функционирање на правниот систем со почитување на сите регулативи, се неопходни сите. Ноепходни се одговорни политички партии и одговорни и луѓе во нив. Како во власта така и во опозицијата. Исто така, неопходни се капацитетни и проактивни граѓански организации кои ќе бидат вистински коректив и совест на властите на сите нивоа.
На крај, неопходни се активни и совесни граѓани кои конструктивно ќе го користат своето право за учествуваат во креирањето на политики и носењето на одлуки за Охрид. Сите заедно можеме системски да ги решаваме проблемите и потребите.
Јас лично и општина Охрид остануваме транспаренти и отчетни за целокупната работа и ги повикуваме сите засегнати страни да ни се придружат во оваа мисија.“ – стои во реакцијата од градоначалникот Константин Георгиески.