Георгиески: Охрид ќе биде град каде што спортот и физичкото образование ќе бидат примарни за здравјето и начинот на живот на сите
СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески.
„Во континуитет вложуваме средства за развој на спортот, за поддршка на спортските клубови. Исто така, значителна помош се обезбедува и за голем дел од спортските манифестации и настани во Охрид, кои се во насока на промоција на нашиот град, но и за поттикнување на здравите животни навики и збогатување на туристичката понуда.
Само оваа година од буџетот на општината беа издвоени 27 милиони денари за спорт, од кои 9 милиони денари за ракометниот клуб „Охрид“ кој е прволигаш, 6 милиони денари за Фудбалскиот клуб „Охрид“, 2,7 милиони денари за фудбаскиот клуб „Воска“, а со остатокот од средствата се субвенцираат фудбалски школи и разни други спортови.
Преку голема посветеност, обезбедивме изградба на нова трибина на источната страна на градскиот стадион „Билјанини извори“ во вредност на 1 милион евра. Трибината има капацитет од 1480 седишта и е изградена по сите современи стандарди. Оваа инфраструктурна инвестиција е голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот и обезбедување на посовремени условите за спортски туризам.
Во текот на претстојниот мандат градиме уште една нова трибина на стадионот „Билјанини извори“ од западната страна на стадионот и поставување на две нови монтажни трибини. Со ова, Охрид ќе добие функционална и современа фудбалска арена со 5000 седишта, на која ќе може да се играат натпревари од највисока категорија.
Како што информиравме претходно, продолжуваме да инвестираме во нова спортска и рекреативна инфраструктура во комплексот на поранешната касарна. Градиме Адреналински парк, памп патека, голф терени и трим патека.
Охрид ќе биде град каде што спортот и физичкото образование ќе бидат примарни за здравјето и начинот на живот на сите граѓани. Предвидуваме воведување вон наставни спортски активности во основните и средните училишта, преку програми за спорт.
Поттикнуваме изградба и обнова на училишните спортски сали и терени и обезбедуваме изградба на нови малски игралишта и баскет терени.
Планираме поголем развој на училишни и ученички спортски клубови и подготвуваме проекти за подобри условите за развој на водените спортови, во согласност со потребите на клубовите за водени спортови.
Имаме планови за вистински развој и напредок на Охрид. Затоа во недела на 17-ти октомври да ја дадеме нашата поддршка за коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Да го заокружиме бројот 12 за уште една голема победа за Охрид!“ – истакна Георгиески.