Георгиески: Подобри услови во градинките и училиштата
Децата треба да бидат наша најголема грижа, затоа посветено и одговорно работиме на проекти за подобрување на условите за згрижување и воспитување на децата во градинките и подобрување на условите за настава во сите општински училишта, вели кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески.
„Веќе се преземени конкретни активности за подобрување на условите во објектите на градинката „Јасна Ристеска”. Вложуваме максимални напори и работиме на проект за изградба на нова градинка на просторот кај постоечката „Централна градинка” со што ќе се зголеми капацитетот на градинката и ќе се реши долгогодишпниот проблем со преголемиот број на деца во групите и долгите листи на чекање за упис. Исто така во наредниот период се предвидува и Реконструкција на покривите во објектите „Лихнида” и „Росица”, а планирано е и подобрување на квалитетот на инвентарот во сите објекти од градинката. Со цел да се подобрат условите за рекреација на најмладите во општината, планирана е реконструкција на детските игралишта во дворовите на сите објекти од градинката и веќе постоечките детски игралишта во сите населби.
Имаме план образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува и токму затоа, за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование издвоивме повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра за 2019 година. Предвидена е замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, како и во сите подрачни училишни објекти кои се лоцирани во населбите и селските средини. Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид.
Ние ги разбираме приоритетните потреби на заедницата, ги слушаме барањата на родителите и континуирано работиме на подобрување на условите за живеење.
Граѓаните знаат да ги препознаат вистинските вредности и само заедно можеме да го направиме Охрид подобро и посакувано место за живеење! Затоа на 5-ти мај да го заокружиме бројот 7! Заедно Напред, За Охрид!“ – истакна Георгиески.