Германски искуства за унапредување на работата на јавните сервиси
Денеска во просториите на Касарна Хаб во Охрид се одржа дискусија со цел пренесување на германски искуства и знаења за унапредување на работењето на јавните сервиси.
Врвни експерти од Германија пренесуваа искуства на полето на урбана мобилност, сообраќајни решенија, дигитализација на јавниот сектор, туризам, винарство и останати добри бизнис пракси.
На почетокот на настанот присутните ги поздрави градоначалникот, Кирил Пецаков:
-Дозволете да ја изразам мојата благодарност за организација на овој настан на кој преку дискусија се настојува да се пренесат идеи и знаења од врвни експерти од Германија, на полето на урбаната мобилност, сообраќајни решенија, дигитализација на јавниот сектор, туризам, винарство и останати добри бизнис пракси. Древниот Охрид кој е и најголем туристички центар во земјава и регионов многу одамна е впишан на листата на УНЕСКО. Денешната дискусија сметам дека во голема мера ќе ни помогне преку германски искуства да изградиме добри идни стратегии во различни општествени сфери. Денес тука ќе се пренесуваат знаење за унапредување на работењето на јавните сервиси под водство на Bundesverband Deutscher Unternehmensberatungen BDU and of the Professional Association of Public Sector Consultants од Република Германија. Охридскиот регион поседува исклучителна универзална вредност како комбинација од природни феномени со квалитетот и разновидноста на културното наследство – материјално и нематеријално. Затоа треба да работиме на негово одржување и заштита преку донесување правилни урбанистички, сообраќајни или туристички решенија. На оваа средба ќе се носат битни заклучоци за сите нас. Покрај работниот дел се надевам ќе имате доволно време да ги видите убавините на Охрид. Древниот град кој „се капи“ во езерските води е секогаш привлечен со тврдината на Цар Самуил, Античкиот театар, галеријата на икони. Тука е и наколната населба кај Градиште која ќе ве врати во праисторијата. Секако испијте кафе во некој од бројните ресторани и кафулиња на охридската ривиера и секако со убави спомени живи и здрави повторно дојдете ни кај нас – посочи градоначалникот Пецаков.
Организатор на настанот е касарна Хаб и Professional Association of Public Sector Consultants од Република Германија.