ГФК „Лихнидос“ подготвен за новата фудбалска сезона
Градскиот фудбалски клуб „Лихнидос“ со новото раководство и финансиската поддршка на Локалната самоуправа, како што беше речено на денешната прес-конференција е подготвен за стартот на новата сезона во третата македонска фудбалска лига.
„Ни претставува огромно задоволство да ги информираме граѓаните на Охрид дека со поддршка од Локалната самоуправа, а во интерес на спортот во градот активно се вклучивме во организацијата во работењето на Градскиот фудбалски клуб „Лихнидос“ од Охрид. Заинтересираноста на спортот во градот сакавме да ја прошириме со активно учество во фудбалскиот клуб, зедовме обврска да функционираме онака како што треба со една единствена цел активно да учествуваме во третата фудбалска лига, со можност да постигнеме што е можно подобри резултати, со што би го репрезентирале градот и спортот во него.“ – изјави Владимир Алексијески – претседател на ГФК „Лихнидос“.
„Припремите со фудбалската екипа ни започнаа на 25 јули, веќе еден месец фудбалерите активно тренираат, имаме околу 25 играчи од кои 12-13 се од Спортската академија, зедовме и 10 нови играчи. Натпреварите започнуваат во недела, играме против Велешта, во Третата лига се 14 екипи, се надеваме дека добро ќе поминиме. Припремите поминаа супер, немаше ниту повреди, играчите се залагаа доста добро, задоволен сум и јас, задоволен е и тренерот.“ – изјави Александар Мартиноски – спортски директор на ГФК „Лихнидос“.
„Локалната самоуправа позитивно реагираше на иницијативите на спортски работници и граѓани за поддршка на градскиот фудбалски клуб и затоа Советот на општина Охрид, донесе одлука за финансиска помош. Искрено се надевам дека со нашата и помошта од бизнис заедницата, ќе придонесеме за враќање на сјајот на фудбалот во Охрид. Сите посакуваме клубот да има успешна сезона и да се пласира во втората фудбалска лига. До 2021 година, кога ќе се одбележува стогодишнината од формирањето на првиот фудбалски клуб во Охрид, уверен сум дека клубот „Лихнидос“ ќе биде дел од елитата на македонскиот фудбал.“ – рече градоначалникот Стојаноски.
Фудбалскиот клуб „Лихнидос“ на вонредното собрание што се одржа на 6 август, избра ново раководство. Претседател на клубот е Владимир Алексијески, секретар Крсте Попоски, Александар Мартиноски е спортски директор, а тренер е Марино Маркоски. Клубот има 25 играчи, подготовките се завршени, а првиот натпревар ќе се игра во недела против екипата од Велешта.