Гимназијалците ја откриваа Литванија со Ерасмус+
Искуствено учење, конфронтирање и надминување на културните разлики и оние во поглед на вредностите, разбивање предрасуди е сржта на Ерасмус+ проектите. Излегување од сопствените чевли и првите чекори на непознат терен кога се преиспитуваат дотогашните искуства во судрување со новото, се во основа на тоа искуствено учење. Мобилноста во Литванија, во гости на гимназија „Станислав Биржиски“ од Пајурис, општина Шилале, во рамки на проектот ЕCHOSET, на учениците Јован Нестор, Ана Бачиќ, Теона Спасеска и Марија Јовческа, заедно со координаторите на проектот, психолог Алберта Гулицовска и проф.Јане Богоески, им откри недоволно познат дел на североисточна Европа, опколен со Балтичкото море како највпечатлив белег, покрај говорот, повторно од групата на балтичките јазици кои немаат допирни точки со словенската јазична група спротивно на нашите уверувања, бидејќи се работи за земја од некогашниот СССР. По два поврзани летови, копнениот дел на патувањето започна во Рига, главен град на Латвија, воедно и најголемиот град на балтичките држави, со интересна архитектура, широчина и бројни паркови. Соочување се строги анти ковид мерки и доследноста на нивното почитување, воедно ги импресионираа учесниците и направија среќни што продолжуваат кон југот за Литванија, каде истите беа знатно поблаги.
Недогледни полиња на плодните долини, обработени без исклучок и терен кој никаде не преминува 300 метри надморска височина, додека поминувате се менуваат со густите шуми, каде срните често ги пресекувааат патиштата, неретко и ирваси во зимскиот период на годината. Тука се секако и бројните реки како Јура , Нерис или Немуна до полустровот Венте Хорн на лагуната каде покрај покрај светилникот се наоѓа и најголема орнитолошка станица за набљудување на миграција на птиците. Секаде, вон населените места, подеднако како и во самите градови е неизмерно чисто и без отпадоци. Ако би суделе според партнерското училиште кое го посетивме, населението е трудољубиво, одговорно и грижливо за она што значи јавното добро.
Најинтересни се можеби песочните дини, природен насип на Куронскиот полуострв, тесен и долг 98 км, кој ја одделува Куронската слатководна лагуна од Балтичкото Море, признаен за УНЕСКО локалитет од 2000 година поради што е извонреден пример на традиционална населба, култура на искористување на почвата и морето заслужна што таа останала зачувана до денешниот ден и покрај силната ерозија, пример за човечката интеракција со околината, особено кога таа станала ранлива поради неповратните промени. Куронскиот полуостров започнал да се формира пред 8 илјади години од морска струја која наидувајќи на острови, забавувала и оставала песок во плиткото. Како резултат, формирано е тесно песочно тело. Во извесен период станала пустелија. За да се спречи движењето на дините и нивната стабилизација, теренот е повторно насадуван со вегетација, четинари, липи, дабови и други дрвја со длабоко корење.
Северниот дел на Куронскиот полуостров и припаѓа на Литванија со градовите Клајпеда, Нида, додека јужниот дел и припаѓа на Калининградска област во Русија (интересен е фактот дека ова мало парче Русија е физички одвоено од остатокот од државата). Областа некогаш била дел од историскиот регион Прусија, под силно германско влијание, дури и сега натписите се двојазични а траговите неизбрисливи, како духот на филозофот Имануел Кант роден во Кенигсберг, сега Калининград, односно летниковецот на нобеловецот Томас Ман над лагуната во Нида. За историските движења и германското културно наследство во Литванија, историчарот од германската делегација имаше подготвено исклучително занимлива презентација. Покрај класичните презентации, танците и фолклорот на земјите учеснички беа најзабавниот момент кога сите земји го играа Пајдушко, или пак полскиот Полонез и други.
Самиот брег на Балтикот, од друга страна, е познат по богатите наоѓалишта на ќилибар, скаменета смола, за кој се верува дека има заштитна моќ и од кој се изработуваат амајлии, покрај тоа што е популарен како накит.
Престолнината на Литванија, Вилниус е мултикултурна урбана метропола со широк космополитски дух, обликуван низ историјата, влијание на Прусија, Полска, со толеранција за различни верски убедувања, иако Литванија последна во Европа го прифатила христијанството, дури во 14 век, па тука можат да се сретнат православни, протестантски, католички храмови, но и синагоги, џамија, будистички храм. Градот е вистински културен мозаик.