23/11/2024
Македонија

Голем интерес за мерките од Планот за економски раст во Куманово

Седумдесетина компании од Куманово и кумановската околина присуствуваа на денешната трибина, која се одржа во Занаетчискиот дом, а на која беа презентирани мерките од Планот за економски раст.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев истакна дека Владата на Република Македонија во изминатиот период интензивно работеше на креирање на мерки со кои ќе се поттикнат нови инвестиции и ќе се раздвижи економската активност во земјата. Тој дополни дека е подготвен Предлог закон за финансиска поддршка на инвестициите и среднорочна програма за поддршка на малите и средните претпријатија, со кои практично се операционализираат мерките и стопанствениците веќе од оваа година ќе бидат во можност да повратат дел од вложените средства во развојот.

„Од Планот за економски раст би ги издвоил мерките за поддршка на нови инвестиции и поддршка на нови вработувања во компаниите. Преку првата мерка инвеститорите ќе бидат во можност да направат поврат во висина од 10% од направените инвестиции во основни средства за работа, или 20% доколку инвестициите се направени за подобрување на конкурентноста на пазарите. Во насока на поттикнување на нови подобро платени работни места, Владата ќе ги поддржи компаниите со поврат од 20% за исплатена нето плата во висина над 18.000 денари, за ново вработените лица“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Во 2018 година ќе се издвојат средства во буџетот со кој ќе се започне практична реализација на нова индустриска зона во Куманово, за побрз економски развој на градот и регионот.

„Куманово се наоѓа на одлична географска локација, на спојот на коридорите осум и десет и за жал со години неправедно беше запоставувано. Владата веќе оваа година ќе направи напори да издвои средства за започнување на изградба на основна инфраструктура на нова индустриска зона, за привлекување на реномирани инвеститори од земјата и странство“, потенцира Анѓушев.

Во согласност со структурата на компаниите во градот, вицепремиерот оцени дека за нив би биле од значителен интерес мерките од третиот столб на Планот за економски раст, за поддршка на мали и средни претпријатија

„Малите и средни компании добиваат поддршка како никогаш досега. За направени инвестиции во технолошки развој, микро, малите и средни компании може да добијат поврат во висина до 30% од направената инвестиција, а доколку инвестицијата е направена со цел да се развие нов иновативен производ, компаниите може да очекуваат помош во висина до 70% од направените вложувања“.

Трибината се организираше во соработка со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, а освен со вицепремиерот Анѓушев, стопанствениците имаа можност да презентираат свои размислувања, забелешки и идеи и со министерката за привлекување на странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот Зоран Шапуриќ.

https://www.youtube.com/watch?v=BnHcwz3KkOY