Гордана Јосифова Неделковска одликувана со орденот на уметности и книжевност на Франција
Музичкиот селектор на фестивалот Охридско лето, Гордана Јосифова Неделковска, е одликувана со престижниот орден на Република Франција „Витез од Редот на уметности и книжевност“ заради нејзините достигања во промоцијата на уметноста во Македонија, промоција на македонската уметност надвор од земјата и поддршка на промоцијата на француската култура во Македонија.
Одликувањето синоќа на свеченост во француската резиденција и го врачи амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, која го истакна нејзиниот допринос во ширењето на француската култура и уметност.
„Француската Влада сака да ѝ оддаде признание на г-ѓа Јосифова Неделковска, посебно во областа на уметноста, и збогатувањето на вредностите во делот на културата. Со ова одликување Франција сака да ѝ покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура“, изјави француската амбасадорка Лоренс Оер.
Одликувањето „Витез на уметноста и книжевноста“, кое го доделува француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција. Во присуство на амбасадори, директори на голем број културни институции, уметници, пријатели и семејството Јосифова Неделковска се заблагодари за честа да биде носител на ова мошне угледно признание на Француската Република.
„Особена чест ми претставува тоа што моите долгогодишни заложби и постигнати резултати биле препознаени и вреднувани од страна на Министерството за култура на Република Франција, а по иницијатива на амбасадорката на Република Франција во Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер. Да се доживее ова е повеќе од привилегија, дадена можност за што сум бескрајно благодарна, но истовремено ова ми дава толку возвишено чувство, што го чувствувам и доживувам како подарок од Бога. Ова признание ме прави бескрајно среќна, но уште повеќе ме задолжува во моите понатамошни вложувања“, рече Јосифова Неделковска.
Успехот, според Јосифова Неделковска, е тимска работа на истомисленици, креативци, луѓе предадени на работата, кои веруваат дека најголемата доблест е да се работи за општо добро.
„Јас имам привилегија да работам токму со такви колеги, и токму заради ова институциите во кои што делувам се впишуваат во листата на успешните. Затоа оваа голема награда е пред се на фестивалот Охридско Лето, Факултетот за музичка уметност – Скопје, ова е награда за Македонија“,нагласи Јосифова Неделковска која ја посвети наградата на музиката која според неа има моќ да го менува светот.
„Ова големо признание во нормални услови секако би го посветила, пред се, на моето семејство, на кое им го должам целиот мој успех, но вечерва, оваа награда ја посветувам на музиката и нејзината моќ. Музиката може да го промени светот, бидејќи таа може да ги менува луѓето. Ако треба нешто да се смени во овој свет, тогаш тоа може да се случи само преку музиката. Музиката е моралниот закон. Таа му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата, и шарм и радост на животот и на се друго. Затоа уште еднаш ќе ја пратиме силната порака цитирајќи го големиот Леонард Бернштајн: Нашиот одговор на насилството е: да правиме музика поинтензивно, поубаво, со поголема посветеност од кога и да е“, порача селекторката на Охридско лето, декан на факултетот за музичка уметност и врвен обоист.
Најпрестижниот фестивал кај нас, Охридско лето, во рамките на фестивалската програма во соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и Охридска банка АД Скопје – Societe Generale Group, традиционално организира„Француска вечер“ со концерти на врвните уметници од Франција.
„Годинава посебно е значајна затоа што селекторката Гордана Јосифова Неделковска ја доби оваа престижна награда која ја потврдува нашата заложба да се поромовира Француската култура во Македонија“, вели директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска.
На церемонијата на доделување на орденот Витез, во резиденцијата на француската амбасадорка присутен беше и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
„Охрид се гордее што е град каде се промовира француската култура и уметност. Горди сме што го имаме Фестивалот ,,Охридско лето,, и врвните уметници како Гордана Јосифова Неделковска. Оваа награда не само што оддава почит за нејзините големи заложби во промовирањето на француската култура туку е и доказ на многу длабоките, стари, интензивни и богати врски што на културен план постојат меѓу двете земји. Нашата визија и понатака е Охрид и Македонија да бидат центарот на светските културни збиднувања“, порача Бакрачески.
Одликувањето Витез од редот на уметности и книжевност се доделува од 1957 година и е едно од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција. Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.