22/11/2024
Македонија

„Госпоѓиците од Авињон“ – прва премиера на МНТ во 2018

Текстот е на Сашо Димоски, режисер е Ненад Витанов. Со праизведбата МНТ ќе чествува 110 години од создавањето на сликата на Пикасо „Госпоѓиците од Авињон“ (1907) со која се поставени постулатите на кубизмот…

Македонскиот народен театар вечер на малата сцена ќе ја изведе „Госпоѓиците од Авињон“ – прва премиера во 2018 година. Најавена е како ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана.

Текстот е на Сашо Димоски, режисер е Ненад Витанов. Со праизведбата МНТ ќе чествува 110 години од создавањето на сликата на Пикасо „Госпоѓиците од Авињон“ (1907) со која се поставени постулатите на кубизмот.

Авторот Димоски на прес-конференција по повод премиерата рече дека ја деконструирал познатата слика „Госпоѓиците од Авињон“ на која се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата тоа се петте жени-музи што го инспирирале Пикасо: Дора Мар (Софиа Насевска-Трифуновска); Олга Коклова (Искра Ветерова); Франсоаз Жило (Гордана Ендровска); Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска). Ликот на славниот шпански сликар ќе го игра Васил Зафирчев.

Сценографијата за „Госпоѓиците од Авињон“ е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, композитор на музиката Калиопи Букле.