29/11/2024
Охрид

Грациозноста на ангелите низ фотографиите на Александар Томовски

Симболично, со оглед на локацијата – предворјето на црквата „Света Софија“, со 12 фотографии, Александар Томовски ја отвори својата изложба „Над кулисите“. Авторот, на кој централно место во инспирацијата му заземаат балерините, овој пат ги овековечил од птичја перспектива, па ни се чини дека овие земски ангели се набљудувани од божествените. Ова е трета изложба на Томовски во серијалот посветен на балетската уметност, надоврзувајќи се на првата „Зад кулисите“, која беше поставена во Младинскиот културен центар, во 2022 година. Втората, пак, „1001 приказна“, во рамките на фестивалот „Мајски оперски вечери“ оваа година, долови широк спектар од оперската, музичката и балетската дејност која се создава во Националната опера и балет.

„Сакав да пренесам една уникатна перспектива, нова и за мене, и морам да кажам дека уште додека ја работев изложбата, тоа ми донесе едно особено искуство. Како да погледнав во некоја тајна, од една страна, нешто што друг го нема видено. А од друга страна, како со овие фотографии да успеав да создадам целина на доживувањето на балетскиот настап – како вистинското искуство да е најдобро кога ќе ги опфатиш сите агли. Уметност погледната од сите агли…“ – изјави Томовски.

Изложбата е наменски создадена за време на 2022 и 2023 година, за фестивалот „Охридско лето“, токму за предворјето на црквата „Света Софија“.


WebOhrid / 26.07.2023