22/11/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески и премиерот Заев во посета на охридското крајбрежје

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска направија увид на дел од охридското крајбрежје каде што Општина Охрид во текот на изминатиот период спроведуваше активности за отстранување на бесправните објекти по што беше извршено уредување и подготовка на плажите во пресрет на туристичката сезона.

Градоначалникот Гергиески упати благодарност до премиерот Заев за поддршката во целокупниот процес и за тоа што и покрај преполната агенда во рамки на значајниот меѓународен форум кој деновиве се одржува во Охрид, издвои време, лично да ги види резултатите од досегашните активности на крајбрежјето, кои се во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

– Точно пред еден месец, на први јуни на истата оваа локација одржав прес конференција на која ја информирав јавноста за реализираните активности за отстранување на бесправните градби од крајбржјето. Тогаш буквално бевме на половина пат од зацртаната цел, но преку интензивна работа на терен, за само триесет дена, истата оваа локација  изгледа уредено и привлечно место за одмор и релаксација. Се потрудивме во рамки на нашите можности да ги уредиме плажите, кои оваа година за прв пат по долги години ќе се користат слободно од сите граѓани и туристи кои ќе летуваат покрај нашето преубаво Охридско Езеро. Извршено е посипување со автохтон песок, се спроведоа активности за чистење на дивата вегетација и ситниот градежен отпад. Се изврши засадување на нови садници на дрвја, се поставија нови контејнери, канти за отпад и времени тоалети. Деновиве се поставуваат монтажни соблекувални, фонтани за вода и ќе бидат поставени и клупи за седење. Направен е план и за секојдневно одржување и чистење на плажите во текот на сезоната од страна на комуналните екипи. Оваа можност ја користам да упатам и еден апел до јавноста за повисока еколошка свест за одржување на чиста животна средина, истакна градоначалникот Георгиески.

Тој објасни дека активностите за отстранување на бесправните објекти течат последователно и во моментот се работи на плажите во градската зона на потегот од каналот Студенчишта до месноста Парк и на потегот кај месноста Далјан, каде што се врши отстранување на платформите кои се поставени во вода.

– Горд сум што како локална и централна власт покажавме решителност, вистинска волја, капацитет и подготвеност да се соочиме со проблемите и да започнеме со средување на наследените катастрофални состојби. Конечно ставаме крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас, а продолжуваме и понатаму во реализирање на активности за отстранување на сето она што е спротивно на законите и прописите, потенцираше градоначаникот Георегиски.

Премиерот Зоран Заев рече дека сериозната посветеност на Општина Охрид во исполнување на препораките на УНЕСКО и на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето e видливa на терен.

– Дозволете ми јасно да потенцирам. Општина Охрид за овие активности ја има и ја добива целата поддршка и асистенција. Продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, власта цврсто останува цврсто на ставот и определбата за регулирање на овие состојби.

– Предлог-одлуката е базирана на Извештајот на УНЕСКО за состојбите до јануари 2020 година, а ние од тогаш до денес постигнавме значителни резултати во насока на исполнување на сите препораки. Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат, рече премиерот Заев и додаде дека како дел од задачите што произлегуваат од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, предвидени се активности што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на регионот и за зајакнување на институционалниот капацитет за управување со светското природно и културно наследство.

https://youtu.be/2_1eyKHwR4g