23/11/2024
ОхридСпорт

Градоначалникот Георгиески на одбележување на Светскиот ден на физичката активност

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески  денеска присуствуваше на  спортски настан со кој се одбележа  Светскиот ден на физичка активност, 10-ти мај. На учесниците  кои се натпреваруваа во неколку  спортски  дисциплини, а   кои по тој повод ги организира Општината,  Сојузот на училишни спортови и спортските клубови од градот,  градоначалникот Георгиески им посака успех и укажа на значењето на спортот за човечкото здравје и како тој влијае во  процесот на социјализација  на единката.

  • Во реалното секојдневие со ограничена социјализација и намален степен на физичка комуникација поради пандемијата со КОВИД 19  од особена важност  се вакви настани  како денешниов со кој го одбележуваме Светскиот Ден на физичка активност,  10- мај.

Можеби сега во вакви услови, како колектив стануваме свесни колку е битна физичката активност за  физичкото и менталното здравје на луѓето. Токму затоа Општината заедно со  Сојузот на училишни спортови  и спортски клубови  од градов организираат  спортски активности:   атлетика, боречки вештини, аеробик и зумба, пинг- понг,  возење скејт, ролери и велосипеди.  Со строго  почитување на протоколите за  КОВИД 19, посакувам   најдобриот  учесник во секоја дисциплина да победи но пред се сите да се рекреираат и забавуваат, затоа што спортот во целина е еден вид на културна комуникација меѓу луѓето, земјите и заедниците.  Токму затоа  уште од античко време Владателите  многу мудро го користеле  спортот како  вид “социјален лепак” што ги поврзува луѓето и со нив гради чувството на заедништво.

Но пред се спортот е главен двигател кој не насочува кон здравите животни навики. Загрижувачки се податоците од истражувањата на Центарот за јавно здравје и Светската здравствена организација според кои деца на возраст од 11 до 15 години од година во година  се повеќе се  соочуваат со  сериозен проблем поради вишокот  килограми  кои негативно се одразуваат на нивното здравје. 

Човекот е природно битие создадено да се движи и неговите природни карактеристики се да сочува што поголема и задоволителна количина на движења. Затоа, неактивноста води кон намалување на способноста  на системот за движење   што резултира со опаднат имунолошки систем  и  оболување на многу органи.

Затоа,  движете се, спортувајте, рекреирајте се и градете здрави животни навики за да си го олеснете сопственото секојдневие и да обезбедите подолг животен век – рече Георгиески.

Денеска се одржува и планинарска тура од Охрид до над село Велестово и назад.

Светскиот ден на физичката активност  покрај во Охрид се одбележа  во уште неколку градови во државава со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт  и Центарот за јавно здравје.