Градоначалникот Георгиески одржа состанок со надлежните институции за превенција од пожари
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески денеска одржа работна средба со претставници од Центарот за Управување со Кризи, Територијалната противпожарна единица, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Mакедонски шуми“, НП “Галичица“ и Шумска полиција.
Целта на средбата беше да се согледа состојбата со пожарите на подрачјето на општина Охрид, а се разгледуваа можностите за превентивно дејствување во насока на избегнување на пожарите кои „беснеат“ на неколку региони во државава.
На состанокот се направи целосен преглед на расположливите човечки и материјално – технички ресурси при пожар и беше истакнато дека во случај на пожар мора плански и координирано да дејствуваат сите релевантни институции со цел да се избегне катастрофа.
Меѓу другото беше посочено дека мора да се алармира и детектира секоја појава на лице кое е потенцијален предизвикувач на пожари. Во насока на превенција патролни служби од полицијата ги контролираат шумите во охридското подрачје , а четири резервоари со вода од по два тони се поставени во тешко пристапните предели низ охридските шуми.
Состојбата во Охридско – струшкиот регион во однос на пожарите е мирна. Од почетокот на годината до денес охридските пожарникари интервенирале 180 пати.