Градоначалникот на Општина Дебрца, Ногачески на средба со жителите на Годивје
Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески вечерва имаше средба со жителите на Годивје.
„Во селската продавница разговаравме за нивните проблеми, ги слушнавме нивните потреби и идеи. Посебно ми беше задоволство да дебатираме со сосема обични луѓе, кои во време кога многумина си заминале, тие останале тука, на родните огништа.Неизбежно беше прашањето за регионалната депонија, која некој упорно сака да ја лоцира во Годивското Поле. Луѓето се бескомпромисни по ова прашање. Годивското Поле и Дебрца не се место за ваква инфраструктура. Годивци сакаат да живеат онака како што од памтивек живееле нивните претци, да живеат во спој со природата. И се решени тоа да го одбранат. Ветивме дека остануваме заедно со нив. На тоа не обврзува и референдумската одлука на граѓаните на Дебрца.“– вели градоначалникот Ногачески.
На средбата се разговарало и за одлуката на месната заедница за предавање на селскиот водовод на општинското комунално претпријатие, за потребата од воведување на организирано собирање на комуналниот отпад, за проширување на уличното осветлување, асфалтирање на две улици, поставување на пропусти на неколку места.
„Ветивме дека дел од овие барања за бргу ќе ги решиме, а за некои ни треба и време. Битно е дека се видовме, ги слушнавме проблемите и идеите и се обврзавме да ги решиме. И убеден сум дека ќе ги решиме.“- додаде Ногачески.
WebOhrid