26/11/2024
Македонија

Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски со отчет за сработеното

Денес во просториите на Општина Вевчани се одржа прес-конференција на која градоначалникот Сашо Јанкоски даде отчет за сработеното за првата година од неговиот мандат. 

Отчетот го пренесуваме во целост:

„Пред една година во мојата предизборна програма јавно Ви ветив, чесно, домаќинско, транспарентно и отчетно работење, а се со цел општина Вевчани повторно да ја вратиме на управување на граѓаните на Вевчани. Ветив дека општина Вевчани ќе стане услужна и самоодржлива општина по мерка на граѓаните, за што впрочем на изборите токму поради ова ја добив и вашата доверба.

Една година е многу краток временски период за реализирање на програмата, но сепак доволен за да се направат разлики во однос на владеењето на претходната гарнитура.

Општина Вевчани во овој краток период отпочна доста проекти на кои во моментов активно се работи, дел се завршени, дел се во тек, дел допрва ќе отпочнат со реализација.

Но, пред да Ви презентирам што тоа сме сработиле во оваа една година од мандатот, чесно е да кажам во каква кондиција ја наследив општина Вевчани.

Состојбата која ја затекнав во општина Вевчани, со моето доаѓање на власт беше следна:

Доспеан долг од 10.850.051,00 денари и околу 55 000 евра обврски по основ на кредит кон Светска банка за набавка на камион за отпад и багер, како и обврски по основ на позајмица од 1.280 000 ден кон Министерство за финансии од 2010 година, односно речиси три општински буџети во минус.

Јавните институции кои се под надлежност на општината беа во уште полоша состојба, Основното училиште „Страшо Пинџур“ беше со блокирана сметка и долг од 55 000 евра, Јавното комунално претпријатие „Еремја“ исто со блокирана сметка од 600 000 ден.

Како еден од капиталните проекти во мојата програма беше заштеда на буџетот и јавност во работењето. Во оваа насока веднаш по моето доаѓање се пристапи кон драстично намалување на сите непродуктивни трошоци, како што се трошоци за репрезентација, службени телефони, ненаменско користење на службените возила, ревизија на трошењето на општинскиот буџет се со цел домаќински однос кон буџетот на општина Вевчани и крај на непотребното расфрлање со парите на граѓаните.

Денес состојбата после само една година драстично е променета, долгот на општината е намален на 4.637.091,00 ДЕН, обврските по основ на кредит се намалени на 43.394,00 евра. Во основното училиште долгот е намален на 15.000,00 евра, а сметката ќе биде одблокирана наредниот месец, во комуналното претпријатие долгот е целосно исплатен а сметката е одблокирана.

Иако општина Вечани е најмала општина со најмал буџет, претходното раководство на општина Вевчани било прво во трошоци за репрезентација и ненаменско трошење, при што екс градоначалникот од оваа ставка од буџетот безмилосно трошел и по околу 10 000 евра годишно. Само за споредба, во 2014 година за репрзентација од буџетот на општина Вевчани биле издвоени и потрошени 568 510,00 ден, а за гориво 373 458,00 денари.

Споредбено во мојата една година од стапување на функција за репрезентација се потрошени 64.030,00 денари што е десеткратно намалување и гориво 168.000,00 денари или три кратно намалување (напоменуваме дека дел од средствата за гориво се потрошени за зимско одржување, расчистување на улици и депонии).

Еден од клучните проекти во мојата програма беше Реконструкција и адаптација на старата зграда на основното училиште во објект за мултикултурни дејности и туризам.

Овој проект како идеја започнат е да се реализира пред повеќе од десетина години, но ете мене ми падна таа чест да го реализирам овој децениски проект круцијален за Вевчани. Резултатите кои се очекуваат со реализација на овој проект се: збогатување на културната дејност, поставки од музејски вредности поврзани со богатото културно наследство на населбата, развој на туризмот во Вевчани, како и зачувување на автентичната вевчанската архитектура. Проектот за чие реализирање се доделени средства во вредност од околу 1.000 000,00 евра од Светска банка, е во фаза на избор на најповолен изведувач.

Друг проблем со кој се соочив при моето стапување на функцијата беше немањето на готова техничка документација за аплицирање на отворените повици на Владата на РМ, фондовите на ЕУ и другите фондови, особено во делот на патната инфрастуктура.

Во насока на подобрување на оваа состојба се пристапи кон изработка на техничка документација и тоа:

  • Општина Вевчани со сопствени средства изработи техничка документација за изградба на следните улици : „Попеј-Бебкој“ 240м’ со вредност за изградба 1.123 832.00 ден , „Трафо – Бубаној – Смолејца“ 1280м’ со вредност за изградба 3.090 420.00 ден, „Пупини – Ќежој“ 110м’ со вредност за изградба 514 078,00 ден, „улица Ивановци“ 150м’ со вредност за изградба 2.035 795,00 ден, Улица„Крепо“ 160м’ со вредност за изградба 1.676 378,00 ден.
  • Аплицирани во Агенцијата за подршка на земјоделието и руралниот развој се следните улици: Обиколница – Даскалој со вредност за изградба 802.400.00 ден без ДДВ; „Алулој – Гогој 2“ 50м’ со вредност за изградба 299.800.00 ден без ДДВ; „Стванци 2“ 25м’ со вредност за изградба 166.750.00 без ДДВ како Сервисна улица С4 – 150м’ со вредност за изградба 1.485.858,00 ден без ДДВ.

Проектот е фаза на реализација

  • Изработка на техничка документација за локални улици во Вевчани“Склучен е договор со Биро за регионален развој за изработка на основни проекти за улици – „Попој – Млака“652 м’; локална аулица „Воденица – Смолејца“1.134 м’; „Св. Димитрија – Варвара“510м’; „Каланој – Обиколница 1“146м’. Проценетата врдност за изградба и реконструкција на улиците е 2.792.037.00 без ДДВ.

 Проектот е реализиран

  • Изработка на техничка документација за изградба на канализациони линии во Вевчани„ – Општина Вевчани аплицираше на повикот од МЖСПП и склучен е договор во вредност од 300.000,00 ден за изработка на техничка документација. Проектот е во фаза на реализација.

Во делот на инфрструктурата реализирани се следните проекти и активности

  • Изградба на канализациони линии во Вевчани– Аплицирано во Биро за регионален развој и склучен договор во вредност од 1.300 000.00 денари. Вкупната вредност на проектот е 1.900 000.00 ден. Изградени се канализациони линии – „Попој -Млака“ 328м¹ ; „Даскалој – Иваној“ 85м¹; „Средсело – Шопев мост“ 53м¹.

Проектот е реализиран

  • Изградба на крак на регионалниот пат Обиколница Вевчани„

Патот е во должина од 670 метри, средствата се обезбедени преку Агенцијата за државни патишта. Реализацијата на проектот беше во застој поради нерешени имотно правни односи како и поради одредени технички проблеми кои се одклонети. Проектот е во фаза на реализација односно се чека само дозволата за градба. Вредност на проектот околу 23 000 000 денари.

  • Санирање и проширување на потпорниот ѕид на отворен канал „Костојчини“ и санирање на патот и потпорниот ѕид на патот „Костојчини“. – Бидејќи во текот на зимата дојде до уривање на ѕидот кој го држи отворениот одводен канал „Костојчини“ пристапивме до изграба на ново преѕидување на ѕидот од камен, како и санација на патот и поставување ограда бидејќи постоеше опасност од уривање на истиот. Сума 250 000.00 денари.

Проектот е реализиран

  • Се презедоа активности со за чистење и реконструкцијана патот за Голина (на Локви), патот кон излетничкото место Јанков камен, патот до прочистителната станица со сопствени средства.

Проектот е делумно реализиран.

Во делот на животната средина:

  • Во фаза на реализација е изградба на пречистителна станица за отпадни води, која патем беше еден од приоритетните проекти во мојата програма. Во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ кој се спроведува од страна на УНДП во соработка со МЖСПП, а истиот е финансиран од ЕУ. Проценета вредност на проектот е 350.000,00 евра.

Проектот е во фаза на реализација

  • Во моментов се спроведува и проектот за заштита и унапредување на природните и културните вредности на општина Вевчани. „Еко Свест“ во соработка со општина Вевчани и планинарското здружение „Церн Камен 2257“ го започнаа овој проектот за заштита и унапредување на природните и културните вредности. Проектот е финансиски поддржан од Програмата за заштита на природата на УНДП со средства од Европската комисија. Со овој проект предвидена е набавка на теренско возило, обука на ренџери, изградба на видиковци и други активности.

Проектот е во фаза на реализација

  • Изработка и имплементација на „План за управување со заштитено подрачје, Споменик на природата Вевчански извори“. Го спроведуваат општина Вевчани и Министерство за животна средина и просторно планирање. Планот е доставен до МЖСПП и е јавно објавен на веб страната на општина Вевчани истиот е одобрен од нивна страна. Проектот за заштитено подрачје е започнат во 2012 година и веќе е во завршна фаза на имплементација. После донесувањето на планот Споменикот на природата ќе и биде даден на управуавње на Општина Вевчани односно на градоначалникот.

Проектот е во фаза на реализација

  • Отпочнавме и иницијатива за прогласување на Национален парк Јабланица. Помеѓу општина Вевчани и општина Струга потпишана е „Иницијатива за заштита на планината Јабланица преку донесување на Закон за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје во категоријата Национален парк“.
  • Проект „Координација и соработка меѓу граѓанските здруженија на животната средина со општините од Југозападен плански регион на РМ. Здружението Центар за одржлив развој на заедницата Дебар, општина Вевчани и еколошките здруженија од регионот се дел од проектот „Координација и соработка меѓу граѓанските здруженија на животната средина со општините од Југозападен плански регион на Република Македонија. Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ). Со овој проект се одржаа работилници за заштита на животната средина и се изработија флаери „Јас сум вевчанец ,јас не загадувам„ кои ќе бидат дистрибуирани до основното училиште, градинката и низ населбата.

Проектот е реализиран

  • Активности за чистење на диви депонии. Активноста ја реализираше општина Вевчани во соработка со АД „Илинден“ Струга, при што се расчисти и отстрани дивата депонија кај „Св. Димитрија“.

Други проекти и активности кои се реализирани или се во тек на реализација се:

  • Проект „Унапредување на општинското владеење“. Програмата за развој на Обединетите нации спроведува проект за унапредување на општинското владеење во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и ЗЕЛС, финансиран од Европската унија, во кој проект општина Вевчани е во 30 те општини кои се соочуваат со сериозни предизвици во развојот. Општина Вевчани аплицираше со проект за подобрување на техничките услови и опременоста на ЈП „Еремја“ Вевчани, односно набавка на механизација и опрема во вредност од 26.000,00 евра, со цел овозможување на подобри услуги за граѓаните и одржување на чиста средина во Вевчани.

Проектот е во фаза на реализација

  • Во рамките на истиот проект на УНДП за унапредување на општинското владеење а со цел подобрување на економскиот развој на општината се пристапи кон Планирање и подготовка на Интегриран стратешки план. Целта на програмата за развој на Обединетите нации е поддршка на општините во подготовка на планови за интегриран и инклузивен локален развој.

Проектот е во фаза на реализација

  • Во делот на социјалната заштита општина Вевчани се приклучи кон проектот на Министерството за труд и социјална политика за отстапување на простор за отворање на подрачна канцеларија со цел полесен пристап на граѓаните до овие услуги.
  • Општината дава во континуитет поддршка на пензионерските активности, а беше домаќин на Пензионерските спортски игри кои се одржаа на 9ти јуни 2018 год., во соработка со „Здружението на пензионери Вевчани“.
  • На 07.08.2018 година по повод 31 година од „Вевчанскиот случај“, симболично во Вевчанските извори беше организирана техно забава со наслов „Љубов нека бучит“, со цел одбележување на значаен дел од поблиската историја на Вевчани.
  • Успешно ја реализиравме традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2018“ која го чува континуитетот од пагански времиња до денес и ја афирмира Република Македонија како земја со богата карневалска традиција. Карневалот се одржува на 12, 13 и 14 јануари под покровителство на Министерството за култура на РМ, вредност на проектот 2.000.000,00 ден.
  • Активно се поддржуваат негователите на културата и традицијата во Вевчани особено преку поддршката на Културното уметничко друштво „Дримкол“ Вевчани, во вид на спонзорства за дел од нивните програми и активности, која ќе продолжи и во иднина
  • Поради безбедноста на децата се постави заштитна ограда во дворот на детската градинака “Планински цвет” во должина од 40 метри на зидот према спортската сала. Акцијата беше започната за “Неделата на правата на децата” со поставување на ограда превентивно се спречуваат несакани повреди на децата.
  • На седница на Советот на општина Вевчани се донесе Правилник за условите критериумите и начинот на доделување на еднократна парична помош од буџетот на општина Вевчани, со цел да се овозможи парична помош за новороденчињата и социјално загрозени лица. Овие средства редовно се исплаќаат.
  • Донесен е и правилник за доделување стипендии на талентирани ученици, доделување на помош на ученици кои ќе учествуваат на натпревари и др.
  • Во соработка со „Еко Свест“ и други невладини организации ќе организираме донаторска акција за донирање на играчки и едукативни материјали за децата од предучилишна возраст во ЈОУДДГ „Планински Цвет“ Вевчани, со цел подобрување на воспитната и образовната компонента во наставата.

Почитувани, општина Вевчани и во иднина ќе продолжи посветено да работи, затоа што и покрај наведените проекти и активности треба и мора уште да се менува и придвижува кон подобро. Ангажманите на градоначалникот, општинската администрација и советниците во Советот на општина Вевчани ќе бидат насочени кон силен економски развој на општината, транспарентност и отчетност во работењето, привлекување на домашни и странски инвестиции, поддршка во образованието, културата, туризмот, младите и спортот, поддршка за пензионерите и младите, заштита на животната средина, подобра инфраструктура за сите и др, односно искористување на отворените можности со цел создавање услови за подобар живот за сите.“ – истакна градоначалникот Јанкоски.