Градоначалникот Ногачески изрази жалење за смртта на градоначалникот Стојаноски
Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески изрази жалење за смртта на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.
„Дозволете ми во мое лично име и во име на општина Дебрца, да изразам сочуство до семејството Стојаноски и граѓаните на општина Охрид за ненадоместливата загуба,
Колку животот понекогаш знае да биде суров и неправеден.
Пред неколку дена заедно го пречекавме Министерот за локална самоуправа, заедно дававме изјави за медиумите, а вчера заедно, еден до друг седевме на Националната конференција во Скопје.
А, денес Те нема .
Почивај во мир, мој драг пријателе, проф.др.Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид. –напиша на ФБ, градоначалникот Ногачески.
Во знак на жалост и почит кон Стојаноски, Општина Дебрца, утре ќе ги спушти знамињата на половина копје.
„Проф. Др. Јован Стојаноски не беше само Градоначалник на општина Охрид.
Тој беше голем пријател и на општина Дебрца и нејзините граѓани.
И не само пријател. Туку и повеќе од тоа. Неговото семејно потекло е село Ботун, Дебрца.
Тој беше професор на многу студенти од општина Дебрца.
Неговото прерано заминување е голема и ненадоместлива загуба пред се за неговото семејство, академската заедница, граѓаните на општина Охрид, но и за нас, неговите сограѓани од општина Дебрца.
Во знак на жалост и почит кон Неговата личност, утре, 17.12.2018 година, денот на неговиот погреб, знамињата пред зградата на општина Дебрца, село Белчишта ќе бидат спуштени на половина копје.“- стои во соопштението.