22/11/2024
Охрид

Градоначалникот Пецаков оствари средба со претставници на Комитетот за односи меѓу заедниците

Градоначалникот Кирил Пецаков придружуван од претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески денеска оствари средба со претставниците на Комитетот за односи меѓу заедниците при Собранието на Република Македонија, кои беа во работна посета на Охрид.

Делегацијата на Комитетот ја сочинуваа претседателката Арбана Пашоли, членовите Мерита Колочи Коџаџику, Љупчо Балкоски, Љатифе Шиковска и Санела Шкријељ, кои се дел од актуелниот пратенички состав. На средбата беа поканети и присуствуваа охридските пратенички Лидија Петкоска и Грација Бакреческа, како и советниците во Советот на Општина Охрид, Бесник Османи и Арбен Демироски, како претставници на малцинските заедници во Охрид.

На средбата се разговараше за теми поврзани со унапредување на односите помеѓу заедниците на локално ниво и можноста за формирање на Комисија за односи меѓу заедниците во Охрид.

Градоначалникот Пецаков во своето излагање пред присутните потенцираше дека Општина Охрид отсекогаш била  пример за соживот и преку конкретни мерки и активности продолжува да го одржува тој континиутет. Градоначалникот потенцираше дека иако не се работи за законска обврска, сериозно ќе биде рагледана можноста да се формира локална Комисија за односи со заедниците, која ќе ги застапува интертесите на сите малцински заедници кои живеат на територијата на Општина Охрид.

Пратениците се заблагодарија на градоначалникот за приемот и позитивниот став кон активностите и предлозите на Комитетот, со надеж дека денешниот состанок ќе биде една иницијатива, која ќе резултира со формирање на официјално работно тело на локално ниво, во насока на обезбедување на поголема мултиетничка соработка и интеграција.

Комитетот за односи меѓу заедниците е работно тело на Собранието на Република Македонија кое има голема улога во остварувањата на општите и посебните права на националните заедници. Комитетот има дадено голем придонес во развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество, на вистински соживот на сите граѓани, како и во јакнењето на парламентарната демократија во нашата држава.


WebOhrid / 17.03.2023 / Општина Охрид