22/11/2024
Охрид

Градоначалникот Пецаков се сретна со младиот пливачки херој Марко Пејчиновски

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари средба со младиот пливачки херој Марко Пејчиновски, кој изминатиот викенд исплива 64 километри во водите на Охридското Езеро, на релација Охрид – Струга – Свети Наум – Охрид.

Градоначалникот Пецаков истакна дека е фасциниран од храброста и посветеност на овој исклучителен млад охриѓанец и дека не постојат доволни силни зборови со кои може да се упати најсоодветна честитка за неговите легендарни подвизи во пливањето, на кои се горди сите охриѓани. Градоначалникот најави дека како и до сега Општина Охрид ќе даде поддршка на младиот Марко со надеж дека и во иднина ќе продолжи да биде спортски пример за неговите врсници и идол за идните генерации.

На средбата градоначалникот и Марко разговараа за условите за развој на индивидуалното пливање и водените спортови во Охрид при што беше потенцирано дека е потребно што поскоро да се создадат услови за тренинзи во затворен простор, што е од особена важност во зимските месеци.

Марко Пејчиноски има 16 години и е најмладиот пливач кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум во двата правци. Со последниот пливачки подвиг, Марко ги заврши најавените 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, што е своевиден рекорд, кој до сега не го постигнал ниту еден пливач.