23/11/2024
Охрид

Градоначалникот Стојаноски даде исказ за заштитата на природното и културното наследство на охридскиот регион

На надзорната расправа на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“ пред комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, денеска исказ даде и градоначалникот д-р Јован Стојаноски.

Како Градоначалник определив член од Општина Охрид кој беше вклучен во работната група за подготовка на Акциски план и Извештај за постапување по препораките на мисијата на УНЕСКО. Во предвидениот рок, работната група успешно го подготви финалниот документ. Исто така номиниравме лице-претставник на Општина Охрид за член на Комисија за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион.-Од почетокот на мојот мандат сум запознаен со состојбите и проблемите со кои се соочува Охрид и Охридскиот регион . Од првиот ден активно сум вклучен во утврдувањето и отстранувањето на бројни недостатоци кои доведоа до тоа Охрид да биде ставен под мониторинг и посебна опсервација на УНЕСКО. Посебно сум запознаен со Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (41 COM 7B.34) за состојбата на заштитата на светското наследство усвоена на 41-та сесија на Комитетот за светско  наследство која се одржа во Краков, Полска која произлегува од препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО/ИКОМОС/ИУЦН на доброто реализирана во Април 2017 година.

Понатака јас и целокупната администрација на Општина Охрид соработувавме и учествуваме во изработката на Конечниот извештај за напредокот во спроведувањето на препораките кој подоцна беше усвоен на Влада.

Паралелно со овие процеси остварувавме континуирани средби со институции, граѓани и невладини организации со цел подигнување на свеста за важноста од усвојувањето на препораките на УНЕСКО.
Во рамките на овие процеси имав состанок со Парламентарната група задолжена за спроведување на препораките од УНЕСКО, предводена од г-ѓа Ирена Стефоска. На средбата се разговараше за превземените чекори и активности од страна на Општина Охрид. Заклучок од средбата беше дека Општина Охрид има правилен и позитивен приод кон решавањето на овој проблем и дека треба да се продолжи во тој правец со цел остварување на препораките.

Понатака имав работна средба и со Генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО на Република Македонија, г-ѓа Билјана Прентоска која исто така искажа задоволство од остварената средба и соработката со Општина Охрид.

Во однос на конкретните активности кои произлегуваат од Извештајот, би сакал да изнесам  некои свои ставови и предлози:

Во врска со деталните планови за 19 комплекси во споменична целина Старо градско јадро како и заклучокот од Извештајот дека се очекува финансиска подршка од Министерство за трнспорт и врски, Општина Охрид на 09,02,2018 г. поднесе Барање бр.19-1874/1 со кое се бара Министерството за транспорт и врски урбанизацијата на 19 комплекси но и за крајбрежниот појас да Охридско езеро, да влезат во Програмата за урбанизација на МТВ.

За жал Министерство за транспорт и врски со писмо бр.02-1984/2 од 20,03,2018 г. ни одговара дека Јавниот повик за 2018 година сеуште не е објавен и дека по објавувањетоможе во електронска форма да поднесеме предлог за изработување на планови.
Сметам дека заради важноста на прашањето и неможноста на Општина Охрид самостојно да ја финансира изработката на плановите, Владата да го задолжи МТВ да ги изработи плановите за 19 комплекси но и за крајбрежниот појас на езерото,

Во однос со активностите за изготвување на План за управување со сливот на Охридското Езеро (во рамките на Дримскиот процес), Општина Охрид зеде активно учество во работата на Иницијативниот состанок одржан во Охрид на 15,05,2018 година. Сметам дека и донесувањето на овој План (кој треба да биде завршен во рок од 18 месеци) значително ќе допринесе за подобрување на состојбите со заштитата на Охридското Езеро.

Во продолжение на ова, сакам да истакнам дека Општина Охрид благодарејќи на финансиската поддршка на УНДП, направи значителен исчекор во решавање на проблемот со еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро – Реката Сатеска. Од оваа соработка со УНДП во фаза на реализација сме на проектот со кој реката Сатеска ќе се врати во старото корито. За прв пат по 1960 во соработка со Министерство за животна средина, Водостопанство, ЕЛЕМ, експерти од Еко-тим како и невладини здруженија се постигна да се реализира овој проект. Заради обемноста и преголемите финансии потребни за целосна реализација, овој проект ќе се одвива по повеќе фази. Со првата фаза целосно финансирана од УНДП ќе се изработи комплетен основен проект, прочистување на старото речно корито и изградба на разделна градба која ќе го контролира течението на реката. Очекуваната вредност на првата фаза за која добиваме подршка од УНДП изнесува 400,000 УСД. Понатака проектот продолжува со следните фази: регулирање на горното течение на Река Сатеска со постапки за прочистување на коритото, пошумовање на падините со цел намалување на количините на мил кои се внесуваат во реката, подобрување на комуникацијата помеѓу двете обали како и туристичка валоризација на новиот крајолик.

Бидејќи досега не добивме поддршка за ревитализација на остатоците од Студенчишко блато, Општина Охрид самостојно ќе изработи Ревизија на постојната студија. Сакам да истакнам дека се заложуваме за научен пристап не само за заштита на блатото туку и негова туристичка валоризација. Во рамките на новата ревизија треба да се добие и одговор и за можноста во рамките на ова подрачје да се реализира марина која ќе го реши уште еден горлив проблем на Охрид.  

Во однос на Стратегијата за туризам на Општина Охрид, сакам да истакнам дека Општината ја продолжува соработката со Швајцарската фондација Swiss contact. Одржани се повеќе состаноци и активно соработуваме во отстранување на недостатоците во документот кој е во фаза на нацрт. Забелешки на овој документ имаа и неколку невладини организации за кои и ние сметаме дека се оправдани. За истакнување е дека во конечната верзија на стратегијата мора да се истакне заштитата на ,, Универзалните вредности на доброто,, како почетна точка, но и потребата од усогласеност на стратегијата со Националната стратегија за туризам и со Планот за управување со Охридскиот регион.

Што се однесува до регулирањето на моторниот сообраќај сакам да истакнам дека Општина Охрид е во тек на реализација на неколку проекти:

  • А) Општината комплетно го менува концептот на организација и наплата на паркирањето. Се воведува СМС паркирање што значително ќе го поедностави и ќе остави подобра слика за Охрид. Очекувам проектот да профункционира најкасно до 07.07.2018 год.
  • Б)  Во финална фаза е изработка на микро-сообраќајна студија за централно градско подрачје. Оваа студија треба да даде одговор на прашања со регулирање на динамичен и статичен сообраќај во централното подрачје вклучувајќи го Стар град но и Кеј Македонија. Во целиот процес е вклучена и целокупната јавност.
  • В) Општина Охрид веќе распиша тендер за изработка на сообраќајна студија за Охрид. Изработката на оваа студија ќе трае најверојатно до следната пролет но тоа ќе биде првиот сериозен документ кој ќе направи анализа и даде решение за сообраќајот.
  • Г) Општина Охрид го започна процесот за изработка на Стратегија за урбана мобилност по најновите светски научни сознанија. За таа цел станавме членка на Меѓународната мрежа ,,Цивинет,, која се занимава со одржливо планирање и управување со мобилноста (сообраќајот) во градовите.

– Во однос со проблемот со колекторскиот систем кој е во очајна состојба и претставува сериозна опасност за Огхридското Езеро, покрај соработката со Централната власт, Општина Охрид и самостојно превзема чекори за  надминување на овој проблем. Досега сме имале состаноци со неколку реномирани компании кои се занимаваат со системи за третман на отпадни води со цел да се пронајде оптимално решение кое решение покрај зафатите на реконструкција на постојната мрежа, треба и да даде иновативно енергетски ефикасно и одржливо решение. Ова треба да резултира економскиот оператор кој ќе стопанисува со овој систем да може рентабилно да управува.

– Со цел остварување на горенаведените цели, со Одлука на Градоначалникот бр.09-7349/1 од 18.05.2018 г. се формира канцеларија за соработка со УНЕСКО и назначи координатор кој ја раководи канцеларијата. 

За крај сметам дека најприоритетна задача е донесување на измени на Законот за управување со Охридскиот регион како и донесување на План за управување – рече во изјавата градоначалникот на Охрид Д-р Јован Стојаноски.