26/11/2024
Охрид

Градоначалникот Стојаноски и високи претставници од американската гарда во посета на ОУ „Братство-Единство“

Градоначалникот на Охрид , Јован Стојаноски заедно со командантот на националната гарда  на  сојузната држава Вермонт и претставници на Европската Команда на САД, денеска беа во посета на ОУ „Братство Единство“ во Лескајца, коешто по пилот проектот на УСАИД е избрано  за  најдобро  училиште  со  мултиетничка соработка и соживот меѓу учениците.

Во рамки на посетата се одржа отворена  дискусија на која учениците имаа можност да се запознаат со начинот на функционирање на образовните институции во САД и перспективите кои се нудат за квалитетни  кадри во Светот.

 Командантот на националната гарда на Вермонт, генерал- мајор, Стивен  Креј истакна дека ужива при посетите на Охрид кој  според него е еден од најубавите градови во државава.

„Една од најубавите работи при моите посети е можноста да ги посетам училиштата, да разговарам со луѓето од локалните заедници, од школите и родителите. Прекрасно е да се видат плодовите од работата на УСАИД , а во Македонија и изградба на една побезбедна и подобра околина за учење на учениците. Во Вермонт имаме многу училишта како ова со ученици од различни етнички групи .Имаме ученици од Сомалија, Виетнам, Босна и Херцеговина и Албанија. Мислам  дека ќе биде прекрасна  можноста едно ваше училиште  да стане партнер со едно од училиштата во Вермонт. Ова се историски моменти за  Македонија, јас сум почестен да бидам тука во моментите кога вашите луѓе имаа моќност да направат историски чекори да ја преземат иднината на вашата земја.  Во името на американската амбасада во име на мажите и жените од државата Вермонт, на војниците од националната гарда, јас сум горд што сум тука  и ви посакувам се најдобро во иднина“– изјави генерал – мајор Стивен Меј.

Градоначалникот Јован Стојаноски се заблагодари на гостите од САД  кои   помогнаа во подобрување на условите за  работа во ОУ “Братство Единство“ во Лескајца.  

„Во оваа прилика имавме одлични разговори, преговори, договори за понатамошна соработка којашто општина Охрид ќе ја има со сојузната држава Вермонт. Им благодариме и за досегашната помош којашто ни ја дадоа посебно околу реновирањето и подобрувањето  на условите за работа во ОУ „Братство Единство“, а и понатака ќе ни помагаат да ги подобриме условите за учениците и во ова и во останатите училишта. Уште еднаш им се заблагодарувам и за она што го најавија дека ќе го реализираат преку УСАИД,“  рече градоначалникот Стојаноски и  најави подобрување на условите за следење настава и во останатите основни училишта во градов.

„Завршени се предмет  и премер пресметките за ова и за останатите  училишта. Она што следува ќе биде изработката на проектите. Очекуваме  дека и во буџетот за 2019 година ќе бидат ставени сите реконструкции , а секако и реконструкцијата на азбесниот кров на ОУ „Братство и Единство“.Ние не само од денешните пријатели имаме и други донатори коишто се заинтересирани за подобрување на условите за настава и во другите училишта. Реновирањата на училиштата за оваа летна сезона го одложивме од причина што не беа завршени проектите, а не сакавме да влегуваме во реконструкција без основни проекти, потребни дозволи и одобренија за градба. Како што најавив и  од буџетот од 2019 година ќе има сериозни инвестиции но ќе ги прифатиме и сите оние донации коишто ни беа најавени во текот на оваа година“, истакна градоначалникот Стојаноски.

Директорот на ОУ  „Братство Единство“Џемал Мехмед истакна дека наредниов период со поддршка на турската агенција ТИКА ќе започне целосна реконструкција на централниот објект на училиштето. 

„Со турската агенција ТИКА потпишан е протокол за изградба на нов  централен објект на ОУ „Братство Единство“. Во моментов се изработува детален проект за училиштето. Она што е најавено е  дека кон крајот на февруари или почеток на март 2019 година  треба да се пристапи кон  реализација на проектот.  Во овој објект имаме приоритети, решавање на проблемите со влагата, азбесниот кров“.  –посочи Мехмед.

Основното училиште “Братство Единство” брои околу 1000 ученици. Двата објекти се едни од најстарите во градов. Едното училиште е изградено во 1948, а другото во 1965 година.