Градоначалникот Стојаноски ја повлече точката за надоместок за урбана опрема
Градоначалникот Јован Стојаноски, ја повлече од дневен ред точката за утврдување на висината на надоместокот за поставување на урбана опрема од денешната седница на Советот на Општина Охрид.
„За неколку дена ќе закажеме средба со угостителскиот еснаф и отворено ќе ги искажеме ставовите и ќе продискутираме околу комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема. Точката којашто беше поврзана со надоместокот за урбана опрема на оваа седница ја повлековме и ќе ја разгледуваме на наредната седница, а до тогаш ќе ги обавиме потребните консултации. Тоа е сосема коректно и легитимно од страна на градоначалникот кога реагираат граѓаните и оние кои се засегнати од оваа одлука.“ – истакна градоначалникот Јован Стојаноски.
Градоначалникот Стојаноски посочи дека во јавноста се создал погрешен впечаток за јавните давачки на угостителите, укажувајќи дека корекција има само во еден сегмент.
„Поскапувањето беше само во делот на поставување на урбана опрема и тоа само во делот на поставување на маси и столици и периодот во кој може да се постави таа урбана опрема.“ – објасни градоначалникот Стојаноски.
Наскоро се очекува средба на градоначалникот Стојаноски и еснафот на угостители од Охрид, на која ќе бидат усогласени сите отворени прашања на оваа тема.