Градоначалникот Стојаноски оствари средба со амбасадорот на Руската федерација во Македонија
Градоначалникот Јован Стојаноски денес оствари средба со амбасадорот на Руската федерација во Република Македонија, Сергеј Баздникин. Ова е прва посета на новоименуваниот руски амбасадор на Охрид. На средбата присуствуваше и Велимир Стојкоски, почесниот конзул на Русија во Македонија, со седиште во Охрид.
На средбата во пријателска и срдечна атмосфера, беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и народи и заложбите за нивно продлабочување и развивање.
Соговорниците истакнаа дека има простор за подобрување на економската соработка, посебно во областа на туризмот и јакнење и развивање на одличните културни врски. Во таа насока беше изразено двострано задоволство од соработката на фестивалот „Охридско Лето“ со руските уметници и институции, кои се редовни учесници на фестивалот.
Стојаноски и Баздникин се согласија дека треба сериозно да се разгледаат можностите за воспоставување на авионска чартер линија меѓу Охрид и Москва, со што ќе се зголеми бројот на руските туристи во Охрид и Македонија. Разгледана беше можноста за збратимување со градот Подолск, со кој Општина Охрид има потпишано протокол за соработка.
Попладнево градоначалникот Стојаноки и амбасадорот Баздникин, ќе го посетат ОУ „Христо Узунов“ каде веќе втора година факултативно се изучува рускиот јазик.