Градоначалникот Стојаноски присуствуваше на СВП
Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски со сопругата, синоќа присуствуваше на отворањето на 57-те Струшки вечери на поезијата.
Нашата најголема поетска манифестација започна со традиционалното читање на антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов на македонски и англиски јазик, како и со палењето на фестивалскиот оган.
Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, рече на отворањето Асаф Адеми, министер за култура во Владата на Република Македонија.
– Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, чунки како што говореше големиот Прличев: „тије се солта на општеството“. И онаму каде разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде различностите знаат да поделат поезијата знае да создаде прекрасен мозаик, истакна министерот Адеми прогласувајќи ги СВП за отворени.
Првиот човек на Струшките вечери на поезијата, директорот Мите Стефоски во своето обраќање истакна дека никогаш досега толку многу бодликава жица не била употребена да се исцртаат граници.
– Меридијани опредметени со бодликава жица кои го оградуваа поетскиот простор. Бодликавата жица е симбол на поделеноста, врвна метафора на стравот, на отуѓеноста, на паранојата од другите, на заканувачкиот хаос кој демне од другата страна и не плаши. Таа е сведоштво за неспособноста да се комуницира, да се прифатат и разберат другите. Таа е симбол на нашиот пораз како човештво. Затоа, еве не тука во овој простор од кој поезијата како мали хартиени бротчиња ќе се упати ширум светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги гите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал, рече Стефоски.
На отворањето беше пуштен и краток видео запис со Ален Гинзберг на кој тој ја чита манифестната „Космополитски поздрави“ упатена на СВП во 1986 година, песна која никогаш не била прочитана на овој фестивал.