25/11/2024
Македонија

Граѓаните сѐ повеќе ги користат платежните картички и електронското банкарство

Плаќањата на физичките и правните лица во земјата со посредство на банките, преку користење на кредитните трансфери и платежните картички, во првиот квартал од оваа година забележаа годишен раст од 15,2% на бројот и 5,8% на вредноста на остварените трансакции. Кај плаќањата остварени со кредитни трансфери годишниот раст на бројот на трансакции изнесува 4,4%, а кај вредноста 5,6%. Во однос на плаќањата со платежни картички во трговијата, забележан е висок годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 27% и 26,2%, соодветно.

Во март, кога започна здравствената криза во нашата земја, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9%, извршени со зголемен број на трансакции кај физичките лица за 1,3% и благ пад кај правните лица од 0,7. Кај плаќањата со платежни картички е остварен висок годишен раст на вредноста и бројот на трансакциите од 27,6% и 31%, соодветно, движен од физичките лица.

По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3% на годишна основа, односно за 21,4% на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4% односно месечен раст од 27,2%, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8%. Исто така, за извршување плаќања, значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле мобилните телефони. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон во март пораснал за 45,5% на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4%. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е релативно блиску со годишниот раст остварен во првиот квартал од минатата година, од 45,9%. Тековно, од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.

Менувањето на навиките на граѓаните заради условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19, придонесе и за релативно висок годишен пад на бројот на кредитните трансфери иницирани на хартија од 6,9% во март оваа година, односно месечен пад од 13%. Притоа, годишниот раст на кредитните трансфери иницирани на хартија, во првиот квартал од оваа година изнесува 4,1%. Сепак, користењето на хартиените налози од страна на граѓаните сѐ уште е високо, имајќи предвид дека речиси три од четири кредитни трансфери се иницираат на хартија.

Плаќањата со платежни картички на физички места на продажба во првиот квартал од 2020 година остварија висок годишен раст од 22,3%, којшто е движен пред сè од физичките лица. Притоа, во март беше забележан годишен раст на бројот на трансакциите на физичките лица од 11,4%, при висок годишен пад на трансакциите кај правните лица од 17,8%.

Во однос на користењето на платежните картички на местата на продажба на интернет, во првиот квартал од оваа година исто така е забележан висок годишен раст кај бројот на трансакциите со 62,3%, кој е движен пред сè од физичките лица. Граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет во март, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99%, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите на правните лица за 2,5%.

Поинтензивното користење на придобивките од електронското банкарство и купувањето преку интернет во текот на март, во значаен дел се должи на прифаќањето на апелот на Народната банка за безготовински плаќања и за користење на платежните картички, како и на активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.

 

Платежна статистика