22/11/2024
Македонија

Грантови за 5 општини за подобрување на социјалните услуги

На регионална Конференција во Скопје, со поддршка од ЕУ, презентирани искуствата на соработка на локалните власти и граѓанскиот сектор на земјите од Западен Балкан
Конференцијата ја отвори министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу: Ја поздравувувам соработката на сите нивоа во решавањето на предизвиците. Посилни сме кога си помагаме меѓу себе на патот до нашето членство во Европската Унија.

Пет општини во Република Македонија, општините Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Ресен ќе добијат грантови од по 120 000 евра за подобрување на социјалните услуги, пред се за ранливите и маргинализирани групи, во соработка со граѓанскиот сектор.

Средствата се обезбедени од страна на Европската Унија, во рамките на регионален проект кој што се имплементира во Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Косово и во Република Македонија.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, денеска во Скопје ја отвори дводневната регионална Конференција за соработката на локалните власти со граѓанскиот сектор во земјите од Западен Балкан, на која што беа презентирани добрите пракси од имплементацијата на проектот.

– Владата на Република Македонија води политика на соработка со своите соседи и со земјите од регионот. Граѓаните на земјите од Западен Балкан сакаат да бидат дел од Европската Унија. Да живеат во демократски општества, со перспективи за развој, со добро образование, здравство, да споделуваат заеднички вредности, да градат мостови со своите соседи, со граѓаните на Европа. Тоа го сакаат и граѓаните на Република Македонија. Затоа ја поздравувам соработката на сите нивоа во решавањето на предизвиците. Посилни сме кога си помагаме меѓу себе на патот до нашето членство во Европската Унија, рече министерот Фазлиу.

Тој истакна дека во едно модерно општество, речиси и да не постои прашање кое што не е адресирано и пред властите и пред граѓанскиот сектор.

– Доброто владеење е услов за решавање на прашањата по мерка на граѓаните, затоа што тоа подразбира отворено, транспарентно, економично и ефикасно управување со јавните работи.

Претставничката на Европската Комисија, Лислот Исаксон, истакна дека локалните власти треба да станат посвесни за ресурсите со кои што располага граѓанскиот сектор, а граѓанскиот сектор треба да биде поподготвен за имплементација на проекти, за да можат заеднички да работат и да ги подобруваат услугите во општините.

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахикијан потенцираше дека општините имаат големи предизвици и во обезбедувањето на грижа за ранливите и маргинализираните групи. Во рамките на овој проект, рече таа се опфатени 50 општини од регионот кои што со финансиска поддршка од ЕУ и во соработка со граѓанскиот сектор ќе можат да обезбедат дополнителни социјални услуги за 40 000 граѓани на кои што тоа им е најпотребно.