Хакатон за отворени податоци: Креирајте модерни апликации за награден фонд од 5.000 евра
Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација за првпат организира Хакатон за отворени податоци, овозможен преку поддршката на Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Фондот за иновации и технолошки развој. Хакатонот за отворени податоци ќе се одржи од 13 до 14 март 2020 година, а пријавувањето на поединците или тимовите може да се изврши по електронски пат на следниов линк: form.jotform.com/
За учество во овој хакатон може да се пријави секое лице со наполнети 18 години, поединци или тимови кои имаат пасија да работат со обработка и прикажување на отворени податоци од различни области. Наградниот фонд изнесува 5000 евра за најдоброто решение, а е овозможен од Македонски Телеком.
Користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативни тимови на луѓе од повеќе сектори можат навистина да придонесат во зголемување на квалитетот на животот на граѓаните или решавање на општествен проблем.Отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат да придонесат и во работата на бизнис секторот, но и на академскиот и граѓанскиот сектор. Тие се исклучително важни за креирање на нови производи и услуги кои можат да го олеснат секојдневниот животот на граѓаните.
Горјан Јовановски, сопственик на популарната апликација за мерење на загадувањето на воздухот „Мој Воздух“, вели дека хакатоните се одлична можност каде што се учи многу, се „хакува“ уште повеќе и се испробуваат многу интересни идеи во краток временски период.За него, убавината на ваквите настани е во тоа што се присутни многу глави во една просторија, од различни искуства и знаења, кои допринесуваат до оформување на идеите уште повеќе.
„Јас сум голем обожавател на отворени податоци, бидејќи најчесто тие се ставени во секое ќоше, и чекаат да бидат разоткриени со кул проект. Така почна и „МојВоздух“, апликација што користеше отворени податоци од Министерството за животна средина. По 5 години, тој проект веќе не е мал, има над 200.000 корисници од 11 земји низ целиот Балкан, и не планира да запре со растот. Токму поради моето искуство, ги охрабрувам сите да се приклучат на вакви хакатони, и да изработат иновативни проекти користејќи отворени и веќе достапни податоци, бидејќи најчесто само вашата имагинација е лимит на што може да се изработи“, вели Јовановски.
Ваква можност ќе имаат сите заинтересирани поединци и групи на 13 и 14 март 2020 година на првиот Хакатон за отворени податоци. Целта на настанот е да собере на едно место креативни групи на луѓе кои во тимови или како поединци ќе се обидат да го искористат потенцијалот на отворените податоци кои се веќе достапни во нашата држава.