21/11/2024
Охрид

Хидробиолошкиот Завод и Здружението ЕКОМЕНЛОГ учествуваа во креирањето на нови наставни предмети за високообразовни институции на Балканот

Во рамките на програмата ERASMUS+ CBHE 2020 година, Здружението за екологија ЕКОМЕНЛОГ Охрид од Охрид во соработка со Јавната научна установа Хидробиолошки завод од Охрид и останатите партнери спроведува проект насловен „Зајакнување на образовните капацитети за управување со ризик од неавтохтони водни видови во Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) – Рискмен“.

Конзорциумот на проектот RiskMan се состои од партнери од осум земји: Турција, Италија, Северна Македонија, Грција, Хрватска, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Главен координатор на конзорциумот е Универзитетот Мугла Ситки Кочман, Турција.

Неавтохтоните (алохтони) и инвазивните видови се глобално познати како една од главните закани за матичната биолошка разновидност на водните екосистеми, а нивното присуство може да има економски и социолошки импликации и за локалните заедници. Затоа, главната цел на проектот е да го промовира образованието на засегнатите страни и високото образование во областа на проценка на ризикот од неавтохтони видови и да поттикне истражување и соработка за управување со неавтохтони видови во регионот на Западен Балкан.

Досега, конзорциумот Riskman објави оценка за регулативата, образовната практика и социо-економската перцепција на неавтохтоните водни видови на Балканот. Исто така, креиран е и онлајн прашалник со цел да се соберат информации за присуството на неавтохтони видови во водотеците на Западен Балкан и да се изгради единствена база на податоци која би послужила како една од алатките за проценка на ризик и планирање на активностите за управување. Беа развиени три нови курсеви кои ќе станат дел од наставната програма во партнерските високообразовни институции од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Курсевите беа тестирани на Факултетот за наука на Универзитетот во Сараево, Универзитетот за земјоделие во Тирана и Институтот за мориња од Котор во март 2022 година и беа оценети со највисока оценка од учесниците.

Посебен фокус во проектот, според неговата кратенка, е посветен на концептот на управување со ризик. Денес, управувањето со ризикот е важна тема на истражување бидејќи ризиците се секогаш присутни во индустриската активност, вклучително и во секторот за аквакултура и рибарство. Една од целите и спецификите на овој проект е развој на рамка на политики за создавање на нова професија „Менаџер на ризик“ со цел да се отворат нови можности за вработување на младите во земјите партнери. Конзорциумот досега има воспоставено заеднички модел на управување со ризик во земјите од Западен Балкан и разви приспособен курс за управување со ризик во секторот аквакултура и рибарство наменет за невработените млади луѓе, со цел да ги направи што е можно поконкурентни во пазар на труд кој постојано се развива.

Проектот е во својата завршна фаза, заради што финална конференција ќе се одржи во Мугла (Турција) во Кампусот на Универзитетот Мугла Ситки Кочман од 12-ти до 16-ти септември.

Повеќе информации за активностите и резултатите од проектот може да се најдат на официјалната веб-страница на проектот http://www.riskman.mu.edu.tr/en/


WebOhrid / 11.09.2022 / Здружение ЕКОМЕНЛОГ Охрид