22/11/2024
Македонија

Хоџа ќе достави предлог до Владата за измена на Законот за тутун, со цел продолжување на рокот за откуп на тутун

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, одржа работен состанок со претставници на Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија. Состанокот се одржа во Конгресната сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Како што беше претходно најавено, министерот одговори на потребата од нова средба, на која повторно ќе се разгледа состојбата со откупот на тутун, пред истекот на крајниот рок, кога законски треба да заврши откупот на тутун од минатогодишната реколта. 

„До овој момент откупени се околу 21 милиони килограми. Заклучно со утрешниот ден очекуваме 98% отсто да се заокружи договореното производство. Потоа ќе продолжи откупот на произведениот вишок на тутун, што е реално најголемиот проблем за оваа  сезона.

Заклучок од денешниот состанок е тоа што со оглед на климатските услови и динамиката на откуп, јас ќе и предложам на Владата по брзапостапка да направи измена на Законот за тутун, со цел да се продолжи рокот, односно наместо до крајот на овој месец, рокот да биде заклучно со 31. март. Така ќе добиеме време да изнајдеме решение  за  да ја спасиме оваа лоша сезона за тутунот. Реално гледано, ние и јавно кажавме дека во петиот пакет економски мерки, предвидени се околу 5 милиони евра за тутунопроизводителите,но динамиката и начинот на исплаќање на средствата ќе се утврди откако ќе заврши целиот откуп“, изјави Хоџа.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи да ја следи состојбата и да превзема активности со цел успешно завршување на откупот на тутун.