22/11/2024
Охрид

Хрватскиот филм „Осмиот комесар“ го отвора првиот филмски фестивал на плажа „Beach Film Festival”

Првото издание на “Beach Film Festival” кое ќе се одржува од денеска до недела во Охрид свечено ќе го отвори хрватскиот филм „Осмиот комесар“. Во продолжение кратко инфо за филмот:

„Синиша Месјак, арогантен и амбициозен политичар во подем, се наоѓа среде скандал. За да го засолни што подалеку од јавноста, премиерот го именува за комесар на Владата на Хрватска на најодалечениот населен остров Треќиќ, со задача да организира локални избори. Сите претхофни седум комесари не успеале во тоа.

На островот нема телефони, интернет, ниту сигнал за мобилен, а врската со копното зависи од нафтата што ја доставуваат италијанските шверцери. Островјаните говорат на неразбирлив дијалект и без преведувачот Тонин, млад човек кој боледува од чудни падавици, Месјак не би можел да разбере ниту збор. Настојувајќи да пронајде начин да ја оствари својата мисија, Месјак го открива нереалниот свет на Треќиќ, пронаоѓа неверојатни ликови, најдобриот пријател во животот и … самиот себе“

Филмот „Осмиот комесар“ од 2018 година е екранизиран според истоимениот неколку пати наградуван роман на Ренато Баретиќ. Големо е задоволството што на фестивалот ќе присуствува и режисерот на овој филм, Иван Салај, со кого по завршувањето на проекцијата посетителите ќе имаат можност да се запознаат и да се дружат.

Филмот почнува во 21 часот, а билетот чини 150 денари.

По проекцијата на филмот “Осмиот комесар” (Osmi povjerenik ) атмосферата на Orevche Beach – Плажа Оревче ќе ја загрее македонската група “ Rib ”. Јане, Ивица, Џано и Филип кои го сочинуваат овој бенд најавуваат одлична забава. Нивната свирка почнува точно на полноќ.

По нив следува електронското дуо Cyrillic (Андреј Иваноски & Бојан Иваноски) кое е долго активно на македонската клупска сцена и препознатливо по својот уникатен стил и енергични сетови.

За посетителите, организаторот обезбеди и бесплатен превоз во текот на сите 4 фестивалски дена.

Релација: Охрид ( Гимназија “Св. Климент Охридски”) —-> плажа “Оревче” 20:00 и 23:00 часот

Релација: Плажа “Оревче” —–> Охрид ( Гимназија “Св. Климент Охридски”) 01:00 и 03:00 часот.

Ако сакате уникатен спој од филмска уметност и музика, бидете на Orevche Beach во следниве 4 дена!