23/11/2024
Охрид

Хуманитарна собирна акција на Црвен Крст Охрид „Вашиот прилог – Значајна помош“

Во рамките на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност од 16 – 22 април 2018, под мотото „ВАШИОТ ПРИЛОГ – ЗНАЧАЈНА ПОМОШ“, со цел подигање на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, Црвениот крст организира хуманитарна собирна акција за обезбедување на помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни способности од Охрид и Дебрца.

Од Црвениот Крст апелираат и ги повикуваат сите граѓани, фирми и институции да ја покажат својата солидарност и хуманост и масовно се вклучат во акцијата со:

  • донирање на материјални добра, во просториите на Црвен крст Охрид ул. „Димитар Влахов“ 52, во сите денови на траењето на акцијата вклучувајќи и сабота и недела од 8 до 15 часот како и на собирните пунктови за прехрамбени производи во маркетите во Охрид;
  • давање на доброволни прилози на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот;
  • донирање на парични средства на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, преку акцијата – Од куќа до куќа-, во која волонтерските тимови на нашите сограѓани ќе им приложат плико и информативен флаер за нивна вклученост во акцијата за донирање парични средства според нивната желба и можности;
  • донирање на парични средства на жиро сметката на Црвен крст со назнака за „Недела на солидарност“.