Хуманитарен маскенбал за помош на Сара во ОУ „Григор Прличев“
Во спортската сала на ОУ „Григор Прличев“ во Охрид вечерва се одржа првиот дел од хуманитарната акција за помош на Сара Настеска „Од мене, од тебе, од нас… за Сара“.
Во школската сала, со почеток во 19:00 часот се организира хуманитарен маскенбал по повод „Halloween“ за учениците од осмо и деветто одделение и за средношколци од прва и втора година.
„Соучениците од Сара, нејзините врсници и другари со топли души и искрено од срце ја наполнаа спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ на хуманитарниот маскенбал на тема Helloween, а со една единствена цел – да и ја вратиме безгрижната насмевка на нашата Сара. Ваквата убава мисла нека не води и во среда, во 17:00 часот на продажната акција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ на која учество, освен вработените и учениците од ова училиште ќе земат и останатите основни училишта, а испраќаме покана и до сите граѓани на Охрид да дојдат со свои производи и да земат учество на продажната акција,“ велат соучениците од одделението каде учеше Сара, кои се организатори на настанот.
Влезот беше 100 денари и собраните средства ќе се донираат во фондот за лекување на Сара. На хепенингот можеа да се купуваат производи, а учесниците носеа и свои производи кои се продаваа на штандовите.
ОУ „Григор Прличев“ е училиштето во кое 15-годишната Сара Настеска го стекна своето основно образование и во кое учи нејзиниот брат Виктор.
„Вработените и другарите од школските клупи зборуваат за нив двајца дека се ученици за пример и другари за век. Со цел да и се помогне на Сара да ја врати златната насмевка на нејзиното лице и да се охрабри Виктор во неговиот јуначки гест, вработените и учениците во училиштето организираат хуманитарен хепенинг во среда во 16:30 часот. На истиот паралелно ќе се одржат две продажни хуманитарни акции – „Наставниците за Сара“ и „Школските другари за Сара“. На овие продажни акции наставниците ќе ги продаваат своите подготвени производи, а учениците своите омилени предмети. Хепенингот ќе биде придружен со музика и песна од хорот и оркестарот при училиштето,“ информираат од ОУ „Григор Прличев“.
Од училиштето испраќаат покана до сите граѓани на Охрид да земат учество на продажната акција со свои креативни дела.