Идеите и препораките од првиот „Дигитален Самит на Западен Балкан“ се насоки за креативна дигитална трансформација на регионот
Во завршницата од дводневната агенда на првиот „Дигитален самит на Западен Балкан“, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски одржаа прес конференција на која ги пренесоа пораките и заклучоците кои произлегоа од првиот самит за дигиталната агенда на регионот.
„За нас како домаќини задоволство и гордост е што овој настан беше позитивно поздравен од сите учесници и од целата меѓународна заедница. Сигурен сум дека успеавме да организираме настан кој ќе служи како одличен пример за организаторите на следниот Дигитален самит. Овие два дена слушнавме многу нови идеи, разменивме искуства, разговаравме и договоривме заеднички проекти. Со претставниците на земјите од Западен Балкан, бизнисите, академијата, заедно ги дефиниравме заедничките цели за дигитална трансформација на регионот“, истакна министерот Манчевски.
Тој се осврна на конкретните заклучоци за кои се обврзаа сите земји од Западен Балкан.
„Ние сме подготвени да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме на намалување на цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Се обврзавме дека ќе го подобриме пристапот до широкопојасен интернет, како и да ја следиме имплементацијата на WiFi4EU во земјите членки на ЕУ за да бидеме подготвени за идно проширување на истото во ЗБ. Изразивме подготвеност да работиме активно признавање на дигиталните сертификати, и олеснување на прекуграничните доверливи услуги. Заедно ќе работиме и на сајбер безбедноста и имплементација на Директивата за мрежна и информациска безбедност. Договоривме креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи на население, како и посветеност за подобрување на дигиталните вештини. Ќе ја зголемиме регионалната соработка и на полето на стартапи, а со размена на искуства ќе создаваме Технолошки паркови кои одговараат на критериумите поставени во ЕУ“, информираше министерот Манчевски.
Министерот Димитров се заблагодари на сите поддржувачи на идејата првиот Дигитален самит да се организира во Скопје.
„Агендата на самитот е дел од стратегијата на Европската Унија, а самитот што ни престои во Софија ќе ги спои напорите на регионот за приближување кон Европската Унија“, рече Димитров.
На прес конференцијата и претходеше тркалезна маса на која присуствуваа министрите и шефовите на делегации од земјите од Западен Балкан и ЕУ, на која се дефинираа заклучоците претставени на конференцијата.