Идентификуван и приведен сторител на осум тешки кражби во станови во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против В.М. (33) од Волково, скопско, поради постоење основи на сомнение дека извршил осум кривични дела – “тешка кражба“, притоа стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 943.000 денари.
Според документираните сознанија од истрагата В.М. сите осум кривични дела ги извршил на ист начин. Односно, тој со употреба на подесен клуч (калауз) за влезни блиндор брави ги отворал влезните врати на становите, влегувал внатре и одземал златен накит, пари, лаптоп компјутери, мобилни телефони, а во еден случај и клуч од автомобил.
Тешките кражби В.М. ги извршил во период од девет месеци, поточно од 03.07.2017 до 24.03.годинава, и тоа во станови во поширокото централно подрачје на Скопје (во два стана на бул. „Партизански одреди“ и во станови на улиците „11 Октомври“, „Атинска“, „Воин Драшкоци“, „Желево“, „Франклин Рузвелт“ и „ Димитрије Чуповски “).
По низата превземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, В.М. е идентификуван како сторител на кривичните дела и завчера (27.06.) тој е лишен од слобода и приведен во Полициската станица Карпош.