Интервју со д-р Сашо Стоев по повод Светскиот ден на здравјето 7ми Април
Светот денес го одбележува 7ми Април, светски ден на здравјето! Случувањата како актуелниве не тераат да размислиме колку всушност е здравјето важно, но и да се запрашаме колку вистински се грижиме за своето здравје и дали доброто здравје го земаме здраво за готово!
Овој ден ја има токму таа цел, да потсети и да ја подигне свеста кај луѓето за грижа за сопственото здравје! Се чини дека сега кога се чувствуваме загрозени и се плашиме да не се разболиме, многу повеќе се грижиме за здравјето отколку пред да настане оваа ситуација. Но, треба да сме свесни дека здравјето треба континуирано да се одржува, а не само тогаш кога може сериозно да е загрозено, бидејќи тогаш неговите капацитети за одбрана се многу мали и недоволни. Токму затоа, дел од нашата секојдневна рутина треба да бидат прошетките на свеж воздух и барем умерените физички активности, за кои сега кога ни се ограничени, толку ни недостигаат , а се прашувам дали истите сме ги практикувале кога немавме временски ограничувања? Здравата исхрана, секојдневното конзумирање на овошје и зеленчук треба да ни се постојан извор на витамини иако мислам дека подготовката на природен чај со лимон и мед или конзумирањето овошје и салати го практикуваме најчесто само во сезона на вируси , што исто така не е исправно, бидејќи не можеме да го надоместиме недсотатокот со само неколку дена конзумирање на свежо цедени сокови од овошје и зеленчук, напротив, за силна одбрана на нашиот организам му е потребно депо од хранливи материи кое се создава само со нивно континуирано конзумирање.
Она што е сега од исклучително значење за да се заштитиме е да ги почитуваме препораките кои ги дава СЗО и Министерство за здравство. Да бидеме одговорни, да ги почитуваме препораките за држење растојание меѓу нас, да носиме заштитни маски и ракавици тогаш кога има реална потреба од нив, да се воздржиме од непотребни излегувања. Да, периодов и сите овие мерки во него можеби навистина се нешто на кое не сме навикнати, но треба да разбереме дека во овие моменти треба да владее нашата свесност, а не нашите желби. Ако се погледне од еден друг агол, ќе видиме дека освен корисни за здравјето овие мерки се всушност нешто кое навистина ни требало. Динамиката на денешното живеење е толку голема, што зема огромна цена, а има ли поголема цена од онаа да си лимитиран во времето со семејството, бидејќи имаш премногу обврски? Епа еве, сега имаме шанса да го искористиме вистински времето, да уживаме со семејството и да го правиме сето она за кое претходно сме немале време.
Ние како Стоматолошка Ординација „Д-р Сашо Стоев“ во целост се придржуваме кон мерките и препораките кои ги дава Министерството за здравство , со цел да се заштитиме ние како медицински лица, нашите семејства и нашите пациенти. На моите колеги, на нашите пациенти и на Вашите читатели Стоматолошка Ординација „Д-р Сашо Стоев“ им посакува добро здравје и многу насмевки!