Интервју со директорката на ЈП „Билјанини извори“ Охрид, Гордана Јованоска
Финансиски проблеми, неплатени – заостанати сметки за електрична енергија, неплатен данок на додадена вредност и блокирана сметка. Ваква беше сликата пред само неколку месеци во ЈП „Билјанини извори“ Охрид. Но, сега состојбата е поинаква, односно ситуацијата полека се нормализира, вели во интервјуто за WebOhrid, директорката на ЈП „Билјанини Извори“, Охрид Гордана Јованоска, која во ова претпријатие е од почетокот на неговото формирање и во детали го познава дури и дишењето на фирмата. Како што вели таа, ѕвезда водилка и е желбата во ЈП „Билјанини Извори“ да се направи нешто ново, нешто што ќе остане за идните генерации.
Во интервјуто, таа вели дека нејзина визија за ова претпријатие е тоа да биде еден добар услужен центар на граѓаните на Охрид.
WebOhrid: Какво е чувството повторно после неколку години да се биде директор на ЈП „Билјанини Извори”?
Јованоска: Разликата кога бев директор првиот пат до сега е огромна. Тоа беше пред цели 5 и пол години. Тогаш бев помлада по неискусна, но и тогаш и сега ѕвезда водилка ми е желбата во ЈП „Билјанини Извори“ да се направи нешто ново, нешто што ќе го обележи нашето постоење, но и да остане за генерациите после нас. Да се потврди сознанието дека ова јавно претпријатие на граѓаните на Охрид и регионот може да им даде повеќе можност за уживање во моментите на рекреација на Спортско – рекреативниот центар (СРЦ), а на спортските школи и екипите подобри услови за тренинг и натпревари и постигнувања на врвни резултати. Но, да Ве потсетам јас сум во ова ЈП „Билјани Извори“ од самиот почеток на негово формирање и ќе звучи можеби нескромно ама ќе речам го знам како „дише“.
WebOhrid: Во каква состојба го затекнавте/презедовте Јавното претпријатие, со какви проблеми се соочува и како тие ќе се решаваат?
Јованоска: Ова Јавно претпријатие има доста финансиски проблеми. Имаше неплатени – заостанати сметки за електрична енергија во износ од 4. 200 000,00 денари и повеќе од 13. 000 000 денари неплатен данок на додадена вредност и нормално блокирана сметка. Состојбата полека се враќа во нормала, но и сами знаете, а и јавноста дека ништо не може да се промени преку ноќ, особено кога се во прашање парите. Во тек е изработката на санационата програма, а паралелно со неа се работат и неколку други проекти кои ќе ја поедностават развојната визијата за ова ЈП и ќе значат заокружување на еден концепт за кој треба време. Моја заложба и на тимот околу мене и во координација со локалната самоуправа и градоначалникот Јован Стојаноски е да се подигне дисциплината, одговорноста и односот на сите вработени во ЈП кон општественото и кон граѓаните и корисниците на нашите услуги, па така и резултатите ќе дојдат побрзо и ќе бидат позитивни во секој поглед.
WebOhrid: Каква е состојбата со платите на вработените, дали има заостанување во нивната исплата или пак се се одвива тековно?
Јованоска: Кога го презедов раководењето со ЈП „Билјанини Извори“ вработените имаа една минус неземена плата. Истата се земаше при крајот на месецот за сега во месец април платата да ја земаме до 10 во месецот.
WebOhrid: Општина Охрид заедно со ЈП „Билјанини Извори” наскоро започнува со Проект за нов начин на наплата на паркинзите во Охрид. Нешто повеќе за проектот?
Јованоска: Да, при крај е проектот и јавната набавка за воведување на зонско паркирање со СМС. На тој начин и ние ќе се приклучиме кон современиот начин на паркирање кој оддамна е воведен во светот, а и кај претпријатијата за паркинзи кои се формирани во другите градови на Македонија. Наместо ние како туристичко место да бидиме лидер за современ начин на паркирање за жал ние дури сега ќе се приклучиме кон ваков начин на наплата на паркирањето во Охрид. Се надевам дека искуствата ќе бидат позитивни и за Општина Охрид, за нас како ЈП и за граѓаните.
WebOhrid: Дали има заинтересираност за користење на спортските терени со кои располага ЈП „Билјанини Извори”?
Јованоска: Спортските терени од страна на нашите школи, а и охридски екипи се максимално искорестни. Многу сум среќна кога гледам дека од ден во ден школите за фудбал, ракомет, тенис, кошарка секој ден имаат се’ поголем и поголем број деца кои сакаат да спортуваат. Исто така, фудбалските спортските терни на СРЦ „Билјанини Извори“ се посакувани и за екипи за подготовки од Македонија и од соседните држави.
WebOhrid: Неодамна заврши Бизнис лигата во мал фудбал, а најавивте дека веднаш ќе ја планирате организацијата и на наредното издание. Нешто околу тоа?
Јованоска: Бизнис лигата беше еден проект кој треба да стане традиција бидејќи преку спортот и дружењето се доаѓа до меѓусебно зближување на екипите, а тоа е и реклама на самите фирми во град Охрид. Тоа се фирми кои го поддржуваат рекреативниот спортот во градот. Оваа бизнис лига ќе продолжи од октомври и ќе трае се’ до месец март или април во зависност од екипите кои ќе се пријават.
WebOhrid: Фудбалскиот стадион доби нов лик, поставени се нови столчиња, а реновирани се и соблекувалните. Дали ова е само почеток за враќање на сјајот на фудбалот во Охрид?
Јованоска: Градскиот стадион заслужува поубав лик и од овој кој сега го има. Ние за да придобиеме одредени првенствени натпревари и одредени квалификации и турнири по стандарди на фудбалската федерација на Мекедонија мораме да исполнуваме одредени стандарди. Со комплетното реновирање на двете соблекувални и правењето на две нови помали соблекувални за користење на фудбалските школи, како и промена на столчињата на трибините и обележување на приодите на самите трибини ние ги исполнуваме условите за одигрување на првенствени натпревари на Градскиот стадион. Но, не застануваме на ова, заедно со локалната самоуправа и градоначалникот Јован Стојаноски ќе бараме во Фудбалската федерација партнери за изградба на нова трибина од источната страна на Градскиот стадион како и покривање на сегашната трибина, со што ќе добиеме едена современа фудбалска арена.
WebOhrid: Можат ли љубителите на пливањето и водените спортови да очекуваат некои новитети на Градскиот базен ова лето?
Јованоска: Отворениот базен е прикаска сама за себе место кое има неопислива позитивна енергија каде што граѓаните можат да се релаксираат по напорниот летен ден, а децата преку двете пливачки школи да научат да пливаат и да постигнуваат врвни пливачки резултати. Со своите достигнувања да го стигнат и престигнат нашиот градски пливачки идол Александар Маленко или славата на една Атина и Дики Бојаџи … Секако размислуваме и уште од мај ќе започнеме со неопходните подготовки и за овој простор колку што е можно да добие уште поубав лик и да биде ставен во вистинска функција.
WebOhrid: СРЦ „Билјанини Извори” е домаќин на многубројни културни манифестации, особено во текот на летото. Дали може да ни откриете некои од имињата кои се планирани за претстојната сезона?
Јованоска: Градскиот стадион е примамлив за одржување на концерти во летниот период. Традиционално, уште од сега направени се договори за два концерти и тоа на 27 и 28 јули и имаме најави за уште три концерти за кои се уште не се дефинирани термините. За имињата на учесниците сигурно наскоро ќе информираме во координација со организаторите и општина Охрид.
WebOhrid: Кои се идните приоритети на ЈП „Билјанини Извори”, која е Вашата визија за ова претпријатие?
Јованоска: Мојата визија за ова претпријатие е тоа да биде еден добар услужен центар на граѓаните на Охрид. Претпријатие кое ќе ги надмине своите финансиски проблеми и ќе заплови во помирни води со што вработените ќе имаат подобар стандард, спортските терни ќе добијат уште поубав изглед, а спортистите ќе имаат одлични услови за достигнувања на врвни резултати со кои како тие и ние ќе се горедеме со нив и нивните достигнувања. Во делот со паркирањето мораме да водиме поголема грижа, затоа што за секој моторизиран турист првиот контакт со градот се паркинзите, затоа градот мора да добие модерни паркинзи, во кој кога ќе дојдат гостите наместо да се нервираат и да бидат дезориентирани додека најдат паркинг тие преки ГПРС и информативни табли брзо и едноставно ќе најдат слободен паркинг.
WebOhrid