23/11/2024
Интервју

Интервју со Емин Селман, раководител на Секторот за комунални дејности при Општина Охрид

Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид работи транспарентно и секогаш е подготвен да ги слушне проблемите на граѓаните и на истите да одговори во најкраток можен рок, вели во интервјуто за WebOhrid, дипломираниот градежен инженер, г-дин Емин Селман, раководител на Секторот за комунални дејности при Општина Охрид.

Како што вели тој, овој сектор ги опфаќа речиси сите дејности кои што се случуваат на територијата на Општина Охрид и додава дека се работи на повеќе различни локации на целата територија на градот, како би се задоволиле потребите на граѓаните во целост.

WebOhrid: На кои активности работи Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици во Охрид? 

Селман: Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици во Охрид работи на повеќе активности. Речиси се што се работи во општината поминува преку нашиот сектор. Нашите дејности се:

  • Изработка на програми од областа на комуналната инфраструктура и грижа за нивна реализација;
  • Учествуваме во подготовка на проектната документација и во реализацијата на истите;
  • Изградба, реконструкција и одржување на објекти од комуналната инфраструктура;
  • Вршиме стручен надзор за изградба, одржување и реконструкција над објектите од комуналната инфраструктура;
  • Изведба на електрични инсталации на објекти кои се под надлежност на општината;
  • Подготвуваме договори за надоместок за уредување на градежно земјиште;
  • Ги следиме состојбите во поглед на изграденоста, одржувањето и реконструкција на улиците и локалните патишта;
  • Распределување и ажурурање на податоци за куќни броеви по улици во градот;
  • Го организираме превозот на територија на град Охрид (авто-такси и општинскиот линиски превоз);
  • Го уредуваме режимот на сообраќај на град Охрид;
  • Изработуваме предмер пресметки, анализи, извештаи и информации, ги следиме и спроведуваме законските обврски.

WebOhrid: Колку често охриѓани пријавуваат комунални проблеми? За оние кои не знаат, каде граѓаните можат да пријават дефекти на улично осветлување?

Селман: Граѓаните скоро секојдневно пријавуваат комунални проблеми, а ние се залагаме што е можно побрзо да излеземе на терен и да ги решиме тие проблеми. Граѓаните може да пријават дефект на телефонскиот број 071 / 310 – 800. 

Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици – Општина Охрид работи транспарентно и секогаш е подготвен да ги слушне проблемите на граѓаните и на истите да одговори во најкраток можен рок.

WebOhrid: На кои улици оваа година е планирано да се постави улично осветлување?

Селман: Оваа година, покрај редовното одржување на системот за улично осветлување, планирано е да се постави улично осветлување на крак на улицата „Ристо Чадо“, на крак на улицата „Даме Груев“, на крак на улицата „I МУБ“, на крак на улицата „Ванчо Николески“, на крак на улицата „Будва“, крак на ул. „Бистрица“, крак на улицата „130“, крак на улицата „Радојца Новичиќ“; крак на улицата „Момчило Јорданоски “, крак на улицата „Малесија“, крак на улицата „Охридска Бригада“, крак на улицата „Јабланица“, дел од „Кеј Македонија“, дел од „Македонски Просветители“, дел од „15 ти Корпус“, Плоштад „Табана“, краци во с.Лескоец, краци во населба Рача, краци во д.Лакочереј, крак во с. Шипокно, крак во с.Пештани, крак во с.Косел, крак во с.Трпејца, дел од населбата Охридати, како и на кружните крстосници во Охрид.

WebOhrid: Покрај редовниот сервис на јавното градско осветлување, кои други проекти би ги истакнале во Планот за работа на Секторот за комунални дејности?

Селман: Во Планот за работа на Секторот за комунални дејности можам да ги истакнам проектите за електро енергетска заштита на објекти под надлежност на Општина Охрид, изведувањето на електрични инсталации на објекти под надлежност на Општина Охрид, проектите за осветлување на културно – историски споменици, како и осветлување на детски игралишта.

WebOhrid: Дали се намалени досегашните трошоци за јавно осветлување, дали граѓаните на Охрид добиваат подобри услуги?

Селман: Да, досегашните трошоци за јавно осветлување се намалени, а од друга страна пак и граѓаните добиваат подобри услуги.

WebOhrid: Сведоци сме на кражби на металните капаци од електричните столбови за јавно осветлување. Колку лошо тоа влијае врз безбедноста на минувачите, создава ли лоша слика за гостите кои го посетуваат градот, кој е Вашиот апел до граѓаните на Охрид?

Селман: Кражбата и уништувањето на металните капаци од електрични столбови е опасно по безбедноста на минувачите и создава лоша слика за граѓаните. Апелираме до граѓаните да не го уништуваат јавното добро затоа што тоа е за сите нас. Пробавме да ги замениме металните капаци со пластични мислејќи дека би се спречило оштетувањето и крадењето на истите, но безуспешно и тие исто така се предмет на кражба и уништување.

WebOhrid: Согласно годишната програма за работа на Секторот за комунални дејности, до сега кои улици се асфалтирани, а кои улици ќе бидат опфатени во иднина?

Селман: Во изминатиот период асфалтирани се: улицата „Кеј Македонија“, краци на улицата „Сирма Војвода“, крак на улицата „Карпош Војвода“, улица во с.Љубаништа, краци во населба Рача, како и ударните дупки во централното градско подрачје.

Додека во иднина ќе бидат опфатени поголем број краци и улици кои се значајни за сигурно и безбедно одвивање на сообраќајот како во централното градско подрачје така и низ цела територија на град Охрид и селата, како би се задоволиле потребите на граѓаните во целост. Од средбата со граѓаните по Месни Заедници евидентирани беа сите нивни барања и потреби и направени се сите анализи и планови за понатамошно асфалтирање на улиците.

WebOhrid: Колку граѓани имаат поднесено барање, колкав е интересот за поднесување на барања за субвенционирање на трошоци за комунални услуги?

Селман: Секторот работи на проблематиката околу субвенционирањето на трошоци за комунални услуги, некои нови барања во поново време сеуште нема, меѓутоа на сите претходни барања е позитивно одговорено и се врши субвенционирање по однос на соодветните барања.

WebOhrid: Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид и во летниов период продолжува со определени активности на терен во насока на поголема заштита и безбедност во сообраќајот на територијата на Општина Охрид. На што работи?

Селман: Пред и за време на летната сезона го спроведуваме летниот режим на сообраќај во целост, поставувањето на соодветна сигнализација секаде каде е неопходно и потребно, се работи на крпење на ударните дупки, на асфалтирање на улици, изградба на велосипедски патеки и.т.н.

WebOhrid