Интервју со Габриела Милошоска, соработник за туризам во Секторот за ТЛЕР при Општина Охрид
Интервју со Габриела Милошоска, Соработник за туризам во Секторот за Туризам и Локален Економски развој при Општина Охрид.
WebOhrid: Најнапред, кои се Вашите надлежности како соработник за туризам во овој сектор, во чии рамки се најголемите надлежности за развој и унапредување на туризмот во нашата општина?
Милошоска: Моите надлежности како Соработник за туризам при Сектор за туризам и Локален економски развој на општина Охрид, согласно правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација во општина Охрид, се во доменот на следење и примена на законските прописи и другите општи акти од областа на туризмот и угостителството; подготовка и имплементација на предлог проекти и апликации согласно националната и меѓународна регулатива; регистрација, категоризација и стандардизација на објекти од надлежност на Општината.
Од горенаведеното, јас најголем дел од моето работно време го поминувам во подготовка и имплементација на предлог проекти и апликации согласно националната и меѓународна регулатива.
WebOhrid: Проектите на кои работите се финансирани, од страна на Светска банка. За какви проекти точно станува збор?
Милошоска: Дел од проектите кои се имплементираат во општината се финансирани од Светска банка, а дел од ИПА програма за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Македонија.
Еден дел од проектите, финансирани од Светска банка се добиени преку Проектот за подобрување на општинските услуги( МСИП) финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) при Министерство за финансии на Република Мкаедонија. Станува збор за инфраструктурни пот проекти со кои беа изградени неколку кружни текови и рехабилитација нанеколку локални улици и локални патни правци во општината . Во рамките на овие пот проекти беа набавени и специјални комунални возила за ЈП “ Охридски Комуналец” и беше поставена ограда на депонијата Буково.
Во овој момент, дополнително се работи на уште еден пот проект со кој ќе бидат набавени уште 7 специјални комунални возила : две возила за собирање на комунален отпад со капацитет од 3 м3, две возила за собирање на комунален отпад со капацитет од 8 м3, едно возило за собирање на комунален отпад со капацитет од 20 м3, едно возило за миење на улици- цистерна за вода со капацитет 8000 л. и едно возило – Трактор.
Во врска со користењето на средства од проектот за подобрување на општинските услуги од компонента инвестициски грантови од ИПА финансирани од страна на ЕУ,а управувани од Светска банка , општина Охрид успешно го заврши капиталниот инвестиционен проект „Реконструкција на локален патен правец с.Косел – с.Вапила – с.Ливоишта во општина Охрид “ реализација на прва фаза од проект за реконструкција на локален патен правец с.Косел-с.Вапила”и за истиот ќе биде организиран свечен настан во Септември 2018.
Тековно се работи на подготвителни активности за идентификација на јавни објекти кај кои ќе биде најкорисно да се инсталираат фотоволтаични системи согласно најава на Министерство за финансии за обезбедени два милиона евра грант средства преку ИПА-компонентата на Европската унија за развој на рурална инфраструктура.
Во изминатиов период напорно се работеше на подготовка на инвестиционо техничка документација и подготовка на проектен пот предлог за реконструкција на Кејот Македонија за аплицирање во отворениот втор повик за пот проектни предлози финансирани со подгрантови од Проектот за локална и регионална кокурентност ( ЛРЦП) на Светска банка. Општина Охрид аплицираше на овој повик во Август 2018 со пот проект – Реконструкција на Кеј “Македонија” . Се надевам дека за скоро време ќе добиеме позитивно известување за одобрена апликација за финансирање на овој пот проект.
WebOhrid: Секторот за туризам и локален економски развој, истовремено, работи и на повеќе меѓугранични проекти. Со кои држави се развива оваа соработка?
Милошоска: Да, во Секторот се работи на апликација и имплементација на проекти од ИПА програма за прекугранична соработка . Во изминатите години од негово основање се имплементирани неколку ИПА прекугранични проекти со Република Грција како и проекти финансирани од COSME Програма и Програмата за Југосисточна Европа.
Тековно во имплементација имаме еден проект “Меѓугранична соработка и интегрирани здравствени и социјални услуги за стари лица и деца и нивна рана превенција”акроним” CROSS4ALL” кој е финансиран од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција – Република Македонија 2014-2020.
Овој проект започна со имплеметација на 02/04/2018 и ќе се имплементира во наредните 24 месеци во партнерство со :Лабораторија на медицинска информатика на Универзитетот Аристотел во Солун ( Главен водечки партнер),Факултет за Информатички и Комуникациски технологии во ,, Св. Климент Охридски “- Битола ,Општина Неаполис ,Болница Св.Стефан,Охрид и Грчка Национална Конфедерација на лица со попреченост.
Со проектот се предвидува да се воспостават три пилот центри ( од кои еден тест пилот центар во Општина Охрид со мобилна единица која ќе интервенира во поодалечени места од градот , за што ќе бидат набавени 10 сета медицинска опрема ) за здравствена и социјална заштита што ќе придонесе за подобрени и проширени услуги за превентивна здравствена заштита и социјална заштита.
Уште еден проект кој тековно се имплемнтира во Секторот е “ Управување со интеррегионално културно наследство, е систем” акроним на проект IRC-HERMES кој е финансиран од Програма за транснационална соработка ИНТЕРРЕГ “Balkan-Mediterranean 2014-2020” . И овој проект е започнат со имплементација во 2018 г.и ќе се имплементира 24 месеци во парнерство со институции и општини од Албанија, Грција и Кипар.
Со проектот се предвидува да се направи развој на дигитална база на сајтот на проектните локалитети со културно наследство , историска и архитектонска документација на згради од културно наследство , регистрирање на културни објекти на терен, дизајн и монтажа на инфо знаци во згради и развој на алатки за заедничка стратегија за културна заштита / промоција и одржливост на IRC-HERMES.
Додека се имплементираат овие проекти, нашиот сектор во тесна соработка со Градоначалникот Стојаноски и останатите стручните служби од општината врши избор од дефинираните приоритетни проекти за реализација во општината, кои би можеле да се финансисраат со финасиски средства од ЕУ фондови, со цел започнување на подготвителни активности за припрема на проектни апликации во пресрет на отворање на повиците за аплицирање оваа есен.
WebOhrid: Какви се бенефитите за Охрид и за Охриѓани, од сето она што е досега имплементирано?
Милошоска: Знаете, преку имплементација на проекти од пристапни програми на ЕУфондови и Светска банка, всушност се реализираат инвестиции кои општината сама не би можела да ги направи од сопствен буџет.
Со имплементација на овие проекти се решава или ублажува некој приоритетен проблем на граѓаните во општината со цел да се подигне квалитетот на живот на граѓаните,развој на локалниот економски развој, подобрување на локалната инфраструктура,заштита на животната средина и сл.
WebOhrid: Во која насока понатака е предвидено да се одвива работењето во Секторот со проекти финансирани од Програми на ЕУ, меѓународната соработка, како и севкупната имплементација на се она што се планира во делот на овие проекти?
Милошоска: Во насока на зголемување на апсорпцискиот капацитет на секторот и успешно спроведување на европските проекти преку детално запознавање на општинската администрација со програмите и фондовите на ЕУ, проектен менаџмент и спроведување на ИПА проекти, запознавање и примена на процедурите за набавки според ПРАГ, финансиско раководење, комуникација и промоција на проектните резултати.
WebOhrid