24/11/2024
ДебрцаИнтервју

Интервју со градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески

Општина Дебрца речиси 4 месеци има ново раководство, предводено од Градоначалникот Зоран Ногачески. За тоа како ја затекна Општината од неговиот претходник, каква е моменталната состојба, но и кои се идните планови и проекти, кои ќе се реализираат во наредните 4 години во Дебрца, разговаравме со првиот човек на Општината г-динот Зоран Ногачески.

WebOhrid: Градоначалник, поминаа нешто повеќе од 100 дена од Вашиот мандат. Во каква состојба ја затекнавте Општина Дебрца, дали имавте доволно време да ја утврдите реалната состојба, откривте ли нешто нелегално?

Ногачески: На 19 октомври 2017 година Општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки.

Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова го кажувам не заради некакво мое алиби во иднина, туку едноставно граѓаните да знаат во каква финансиска состојба ја презедов општината.

Во изминативе 100 дена, освен тековните активности за конституирање на Советот на општината, усвојувањето на годишните програми и буџетот на Општината за 2018 година почнавме со скенирање и ревизија на финансиското работење на Општината, а во наредниот период ќе извршиме и ревизија на јавните набавки и конкретната реализација на склучените договори. За секоја утврдена аномалија и незаконито постапување ќе бидат известени надлежните органи и секако граѓаните, бидејќи се работи за трошење на пари на граѓаните.

WebOhrid:  Како ќе ги решавате проблемите наследени од Вашиот претходник?

Ногачески: Искрено да Ви кажам дека како вработен во општинската администрација и пред моето кандидирање за градоначалник бев доволно упатен и свесен за проблемите. И токму затоа, во мојата Програма го опфатив решавањето и на тие проблеми кои знаев дека ќе ги затекнам. Проблемите полека, но сигурно ќе ги решаваме и решиме. Притоа, акцент ќе биде ставен на изнаоѓање на неповратни средства / грантови или евентуално кофинансирање, а не земање на заеми, односно задолжување на Општината.

WebOhrid: Деновиве поројните дождови предизвикаа поплави и во Дебрца… Колку Општина Дебрца е подготвена да се справи со ваквите елементарни непогоди?

Ногачески: И овде се работи за проблеми кои со години не се решавале. Со години неисчистените водотеци не можеа да ги примат надојдените води, поради што дојде до нивно излевање. За жал, како Општина не располагаме со функционална механизација. Претходната локална власт потроши “фантастични” 40.000 евра за да набави застарена механизација, која повеќе е во дефект, отколку во функција. Се снаоѓаме со ангажирање на механизација на приватни фирми, што секако за нас е дополнителен издаток. При последните обилни врнежи беа поплавени земјоделски површини, прекинати беа некои полски патишта или затрпани пропусти. За среќа, немаше поплави на домаќинствата, освен еден случај на поплавување на подрумски простории во куќа во село Издеглавје.

WebOhrid: Градоначалник, друга главоболка претставува изградбата на депонија. Иако жителите на Дебрца на Референдум се изјаснија против, дали некој упорно се обидува да ја наметне депонијата во Дебрца?

Ногачески: Веднаш да кажам дека ние како Општина воопшто не сме против проектот за воспоставување на интегриран систем за управување со отпадот во Југозападниот плански отпад, од причина што отпадот и за нас е комунален проблем. Меѓутоа, против сме посочувањето на Годивското поле и воопшто Дебрца како локација за постројката за депонирање на отпадот за општините од Југозападниот плански регион. И во нашиот став против нема никаква политика, туку само оправдани еколошки аргументи. Територијата на Дебрца сеуште е чиста и здрава животна средина, своевиден споменик на природата, односно недопрена природа siu generis. Дебрца се белите дробови на Охрид. Дебрца е дел од сливното подрачје на Охридското Езеро, кое нели е светско природно наследство, под заштита на УНЕСКО. Дебрца е најмал создавач на отпад од сите општини во регионот. Во непосредна близина на предложената локација има регистрирани повеќе археолошки локалитети, а исто така од страна на приватен инвеститор во тек е изградба на етно село. Како локална самоуправа за ова подрачје имаме во план повеќе проекти за развој на руралниот, здравствениот, рекреативниот туризам и производството на здрава органска храна. Тоа се компаративните предности на ова подрачје, а не негово сквернавење и претворање во ѓубралник. И каков ли парадокс, на времето жителите си заминаа од Дебрца од причина што тогашните власти не изградија ниту една фабрика, а денес некој сака да ги протера и преостанатите жители, градејќи им “фабрика” за отпад.

Јас доследно ќе ја почитувам и бранам одлуката на граѓаните на Дебрца, изразена на референдум и додека сум градоначалник нема да дозволам изградба на регионална депонија во Дебрца. Со граѓаните на Дебрца ќе се бориме докрај и со сите средства. Се разбира, правни и демократски.

WebOhrid: Градоначалникот на Охрид, д-р Јован Стојаноски, во својот отчет за 100-те дена за сработеното како градоначалник на Охрид, рече дека во тек се активностите за изработка на основни проекти за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Кој го изработува тој проект, дали заедно учествувате во тоа?

Ногачески: Не знам на што конкретно мислел градоначалникот Стојаноски, но сепак прашањето за пренасочување, односно враќање на реката Сатеска по старото корито е прашање кое често пати се елаборира, а се работи за многу комплексно прашање, кое ние како Локални самоуправи не можеме да го решиме, без учество на државата.

Знам дека има една иницијатива покрената од општините Струга и Охрид, на која се приклучуваме и ние, за изнаоѓање на средства од странски донатори, за решавање на ова прашање. Колку што јас сум запознат, првично ќе треба да се изработи соодветна документација на ниво на физибилити студија за реализацијата на овој капитален проект за заштита на Охридското Езеро.

WebOhrid: Градоначалник, Слатинското Езеро исчезна од хидролошката карта на Македонија. Имате ли во план да се врати и кога би било тоа?

Ногачески: За жал, Слатинското Езеро веќе пет години не постои на хидролошката карта на Македонија. Мојот претходник ветуваше дека тоа ќе биде искористено за рурален туризам, дури спомнуваше и некави маркици за изградба на сместувачки капацитети за туристи, риболовци, со пропратни туристички содржини, но од сите тие ветувања и од Езерото ништо не видовме.

Наспроти досегашната тажна слика сепак надежта дека во атарот на Слатино повторно ќе има езеро се започнатите градежни активности за санација на браната, проект финансиран со средства од Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ). Со реализацијата на овој проект се надеваме дека ќе се врати животот во и на Слатинското Езеро.

Иако со овој воден ресурс стопанисува Водостопанство на РМ, ние како Локална самоуправа животно сме заинтересирани за неговото возобновување. Овој воден ресурс може и треба да биде искористен за рурален туризам и туристичка дестинација, привлечна и за туристи и риболовци.

WebOhrid: Жителите на Горенци, Оровник и Требеништа веќе долго време се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Иако претходниот градоначалник ветуваше, сепак наместо решение овие села добија рестрикции за вода, проблемот остана. Како Вие ќе го решавате проблемот со водоснабдувањето во овие села?

Ногачески: Од претходната локална власт иако беа потрошени многу средства проблемите со водоснабдувањето, особено на наведените села во општината останаа, па дури и кулминираа со уште полоша состојба. Знам дека проблемот не е едноставен и дека трајното решавање бара и време и пари. Сепак, немањето на здрава вода за пиење во 21 век едноставно е недозволиво. Нашиот план е трајно решение на проблемот да бараме преку зафаќање на дополнителни извори од планината Караорман, како и искористување на изворот “Кременатец”, кај Белчишта, кој е со многу голема издашност и изградба на доводен цевковод до село Требеништа. Се работи за голем проект, сепак очекувам во текот на оваа година да ја подготвиме потребната техничка документација и да аплицираме за средства. Дотогаш, за оваа година планираме неколку времени решенија за подобрување на водоснабдувањето во летниот период, како што е бушотина за нови количини на вода во село Требеништа и санација на каптажите на изворот “Тројани”, во Оровник.

WebOhrid: Автопатот А2, делница Охрид-Кичево на некои места моментално е во застој. Зошто е тоа така, дали Општината се соочува со некој проблем?

Ногачески: Автопатот А2, делницата Кичево-Охрид во најголем дел поминува низ општина Дебрца и наместо да претставува сообраќајна артерија која ќе го олесни сообраќајниот пристап и транспортната поврзаност на селата и жителите од општината со другите општини и урбани центри, со “стручните” решенија од Основниот проект се претвори во бариера и ноќна мора за жителите. За недостатоците на проектот доволно зборуваше и ресорниот министер за транспорт и врски. Во проектот не беа предвидени клучки за пристап до Автопатот, сервисни и пристапни патишта, а имаше и други пропусти од сообраќајно – технички аспект. За сите овие недостатоци пратени се барања до инвеститорот, а за кои позитивно се изјасни и надзорот. Не мал проблем е и предложеното решение за дислокација на цевководот од Регионалниот водоснабдителен систем “Св.Еразмо”, во деловите каде што е во колизија со Автопатот, а за експропријацијата на земјиштето на граѓаните и понудените цени, десеткратно пониски од пазарните и да не зборувам.

WebOhrid: Градоначалник, кои се Вашите идни планови кои ќе ги реализирате во наредните 4 години, која е Вашата визија за Дебрца?

Ногачески: Мојата визија и проекти за Дебрца ги изнесов во мојата Програма и зад нив стојам, бидејќи искрено верувам во една подобра и понадежна Дебрца.

Во оваа прилика сакам само да најавам некои проекти кои со сигурност очекувам да отпочнат и да бидат реализирани во текот на оваа година и тоа: изградба на улици во село Мешеишта и изградба на општински пат за село Арбиново ( ЕУ ИПА грант ); изградба на резервоар за водоснабдување на село Издеглавје ( Светска банка ); реконструкција на објект на локалната заедница ( старото училиште ) во село Волино ( Биро за регионален развој ) ; набавка на механизација за ЈКП “Дебрца” и обезбедување на квалитетни и оддржливи комунални услуги ( ЕУ ИПА грант ); инсталација на централно греење во училиштето во село Мешеишта ( БРР ); реконструкција на зградата-касарна во село Белчишта и отворање на Еко музеј ( ИПА Прекугранична соработка ); нова бушотина за вода во село Требеништа ; санација на каптажи на извори “Тројани”; уредување на простор во центарот на село Велмеј ; реконструкција на соблекувална на фудбалското игралиште во Лешани; дозавршување на реконструкција на Дом во село Злести ; санација на општинска зграда во село Мешеишта; иградба на мост на полски пат во КО-Оровник; приклучување на канализационен систем во село Мешеишта и Горенци и на реконструираниот водовод во село Требеништа; асфалтирање на улици во селата, поставување на столбови за осветлување на спортски полигон во село Волино; поставување на лед рефлектори на спортски полигони во село Мешеишта и село Волино.

Доколку се отвори можноста за користење на средства од ЕУ ИПАРД Програмата за рурален развој очекувам аплицирање и одобрување на средства за канализационите системи ( Велмеј, Лешани, Требеништа и Волино ).

Ќе воведеме: бесплатна екскурзија за учениците од I до V одделение, бесплатна ужинка за сите ученици, награда Првенец на генерација и ученици на генерација во ОУ, стипендии за ученици во средно образование и студенти, Градоначалникот на Општината- покровител на Турнир во мал фудбал во село Мешеишта и село Волино, поддршка за лица со ретки болести и други мерки.

WebOhrid: Со Вашето назначување за прв човек на општина Дебрца имате повеќе обврски, дали имате слободно време и како го користите?

Ногачески: Многу малку или воопшто немам. Немам време ниту за вообичаеното возење на велосипед по пет-шест километри кое речиси редовно го практикував. Со доаѓањето на пролетта се надевам дека ќе имам повеќе време за редовните активности во мојот овоштарник, а во неделите да бидам со дечките од Фудбалскиот клуб “Сатеска”.

WebOhrid