Интервју со Никола Шалваринов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија
Никола Шалваринов, пред неколку месеци застана на челната позиција на агенцијата за иселеништво на Република Македонија. За него, да се работи за дијаспората на нашата земја и за македонските иселеници во другите држави низ различните меридијани, е многу благородна мисија. Пред него се наоѓа целта за засилување на односите на нашите иселеници со матичната земја, но и за зголемувањето на видливоста на агенцијата, во секој сегмент.
WebOhrid: Господине Шалваринов, пред се, дозволете да Ви се заблагодариме што одвоивте време за ова интервју за нашиот портал.
Шалваринов: Ви благодарам и Вам, за поканата и за интервјуто. Чест ми е да зборувам за нашата летна Школа по мајчин јазик и за Агенцијата.
WebOhrid: Бидејќи од неодамна сте директор на Агенцијата за иселеништво, кажете ми, што точно Ве наведе на оваа функција и со кои предизвици се соочувате?
Шалваринов: Многу е благодарна работата за иселеништво, за дијаспората на Република Македонија. Како да кажам, ме привлече и моето фамилијарно работење. Мојот дедо, беше конзул во Австралија, каде што, знаете, имаме голема дијаспора. Ние помагаме во одржувањето на културата, јазикот и идентитетот, кај нашите иселеници. Значи, помагаме со правно – техничка помош и тоа е една работа, која што агенцијата ја прави со голем потенцијал, за напредок и за внимание кон иселениците. Само, треба наша заложба, да се дигне на едно ниво, достоинствено на нашите иселеници.
WebОhrid: Со кои предизвици се соочувате во оваа работа, односно дали наследивте некои проблеми, кон кои сега треба сериозно да пристапите, за создавање подобра иднина за агенцијата?
Шалваринов: Еден од најголемите проблеми кои што јас ги воочив од првиот чекор во агенцијата, е нашата видливост и спрема македонската јавност, но и спрема иселениците, која што е многу мала. Агенцијата за иселеништво, дали поради брендингот, дали поради начинот на работење се соочува со големи проблеми, дека многу луѓе не знаат со што ние се бавиме, кои се нашите надлежности. Ние сме државниот орган на Република Македонија кој е задолжен за дијаспора, за помагање, како што кажав претходно, култура, јазик и идентитет, или правно – техничка помош. Се обидуваме тоа да го смениме, работиме на таа тема се повеќе и повеќе. Веќе ја ребрендиравме агенцијата, имаме ново лого и нов слоган. Со тоа очекуваме да имаме поголема препознатливост, да знаат како иселениците надвор од Македонија, така и граѓаните кои што живеат во Македонија, дека ние сме државниот орган кој може да им помогне ним да дојдат до информации, да ја информираме македонската јавност за активностите во дијаспора, да ја информираме дијаспората за активностите во Македонија, итн.
WebOhrid: Каква ви е соработката со ресорното Министерство за дијаспора, и со министерот Едмонд Адеми?
Шалваринов: Mногу сум благодарен за поддршката на министерот без ресор за поддршка на дијаспора, господинот Едмонд Адеми. Имаме голема поддршка и заедно пристапуваме, кон тематиката “дијаспора”. Веќе во план имаме и голема поддршка од владата на Република Македонија, што претходно агенцијата ја немала. Значи, проектите кои што се обидуваме да ги правиме полесно поминуваат и имаме поддршка не само од владата, туку и од министерствата. Многу полесно можеме да дејствуваме спрема дијаспората, со таа поддршка.
WebOhrid: Мeѓу другото, овде сме и на отворањето на десеттата школа за изучување мајчин јазик, за децата на иселеници од Македонија, која веќе прераснува во традиција. Колку деца ќе има на школата, и од кои краеви на светот доаѓаат?
Шалваринов: Ќе има 44 деца. Морам да напоменам дека оваа година, летната школа за мајчин јазик зазема една поширока сфера. Значи, ни се приклучија неколку проекти, заедно со нашиот. Имаме проект од советот на македонците на град Загреб, од каде што ни испратија свои деца да учат македонски јазик, при нашата летна школа. Имаме проект на хрватското македонско друштво во Македонија, односно децата на хрватската дијаспора во Македонија. Проектот се вика “дружење на децата од дијаспора”, каде што ќе имаат можност да се дружат хрватчињата во Македонија и македонците, во Хрватска. Дополнително на тоа е нашиот, носечки проект на агенцијата. Имаме деца од Англија, од Данска, од Австрија, од Србија, Словенија, Хрватска и Италија. Тие се деца на иселеници, од Македонија.
WebOhrid: Бидејќи како лик сте релативно нов и непознат за јавноста, би сакале да кажете за нашите читатели нешто повеќе за Вас приватно, кој сте Вие, дали сте фамилијарен човек и која Ви е пасијата, што Ве води низ животот?
Шалваринов: Благодарам на прашањето. Еве, да почнеме од почеток. Роден сум во 1983 година. До втора година средно училиште учев во гимназијата „Орце Николов” во Скопје, па после во Private International School of Thessaloniki. Студирав во Anatolia College of Thesalloniki, каде што завршив на две насоки, дипломатија и меѓународни односи, и вториот факултет е студии за југоисточна Европа. Моето искуство е во приватниот сектор, а првата работа ми беше во аналитика на надворешна политика, ( конкретно, на надворешната политика на Америка, Грција и на Јапонија ). Потоа, се префрлив во маркетинг секторот, каде што работев се до моето сегашно назначување, за повеќе компании, македонски и странски.
WebOhrid: Дали го сакате Охрид, и колку често доаѓање?
Шалваринов: Да, го сакам Охрид. Имаме стан тука, така што доаѓам често. Инаку, сум фамилијарен човек, но не сум оженет и немам деца. Сметам дека фамилијата е многу важен момент на секој еден човек и уживам, во поддршката на мојата фамилија.
WebOhrid: Кои се Вашите лични планови, и планови поврзани со Агенцијата?
Шалваринов: Планирам во моето водство на Агенцијата, континуирано да еволуира пристапот кон иселениците и начинот на работа. Сакам да сме присутни и да ги искористиме сите моменти, посебно да сме присутни на социјални медиуми, да ги искористиме можностите што ни ги дава интернетот за комуникација. Преминуваме во фази, каде што претходно се работело на друг, а сега се работи на посовремен начин. Значи, сите проекти водат на таа страна и еволуираат, како што беа носечките проекти за оваа година, летната школа за изучување мајчин јазик. Имаме сликовница, буквар, таргетирана кон најмладата возраст, за да се направи добар прв впечаток кон мајчиниот јазик, за да можат децата да остварат добар интерес кон нивниот јазик. Тоа е креативно решение со автохтони животни, маскоти, со кои што се обидуваме да ги примамиме децата да го изучуваат јазикот. Тоа ќе еволуира, а размислуваме и да се прават анимирани филмови понатака, да се прават апликации и игри на телефон, за да можат децата во иселеништво да го имаат интересот кон јазикот на нивните родители и да продолжат да го изучуваат, базирано на тоа.
Весна Цветаноска