26/11/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со проф. Иван Димоски, директор на ЦОУ „Дебрца“: „Да создадеме млади луѓе способни да се носат со новото време“

Општината Дебрца доживува промени на секој план. Речиси 7-8 месеци откако е променето општинското раководство и градоначалникот, а промена има и во централното училиште во општината со кое веќе 100 дена раководи проф. Иван Димоски, новиот директор на ЦОУ „Дебрца“.

Го посетивме училиштето во с.Белчишта и разговаравме токму со новоизбраниот директор за состојбите, за плановите и за приоритетите…

WebOhrid: Господине Димоски, Вие сте новоизбран директор на централното училиште во општина Дебрца кое опфаќа дури единаесет подрачни училишта. Успеавте ли во овие 100 дена да ги посетите сите и да се запознаете со состојбата кaко со објектите, така и со кадарот и условите во кои работат?

Димоски: Кога стапив на функција сите училишта вклучувајќи го и централното училиште беа во незавидна техничка сосостојба. По нешто на сите им фалеше, а со паѓањето на првиот дожд во седум од нив капеше вода по училници и ходници. Со финансиска помош од Општината и со разбирање од страна на техничкиот персонал од редот на вработените, успеавме тие проблеми да ги надминеме. Значи не само што ги посетив туку и по нешто оспособивме за да може наставниот процес да се одвива непречено во текот на учебната година.

WebOhrid: Вие сте и роден дебрчанец и со постојано живеење во Дебрца, во Лешани. Другите претходните директори живееја во Охрид и патуваа секојдневно. Колку оваа ваша предност ќе биде и предност и придобивка за училиштето?

Димоски: Мислам дека имам предност, затоа што секојдневно се гледам со родителите, учениците и другите жители во населените места и се соочувам со проблемите и нивните размислувања во врска со училиштето.

IvanDimoskiIntervju03

WebOhrid: Каква е соработката со Локалната самоуправа, со градоначалникот Трајкоски?! Се реализираат ли вашите барања? Со што можете да го илустрирате тоа? 

Димоски: Со градоначалникот Трајкоски соработката ми е добра, така на пример: на почетокот беа доделени 20 стипендии на одлични ученици од трето до деветто одделение. За овој краток временски период беа донирани нагледни средства кој се користат по предметите од природните науки во висина од сто дваесет илјади (120.000) денари.

WebOhrid: Пред неколку дена беше Патронатот на Вашето училиште. Имавте завидна приредба и многу гости. Но на приредбата токму недостигаше градоначалникот, оправдано отсутен или…?! 

Димоски: Градоначалникот беше уредно поканет, но неговото отсуство беше оправдано. 

WebOhrid: Колективот очигледно многуброен беше целосно ангажиран околу патронатот и на коктелот околу пречекот на гостите. Успеавте ли во овие изминати 100 дена да создадете добра клима меѓу колегите и, која е тајната на добрата работна и интерперсонална клима во колективот во ОУ „Дебрца“? 

Димоски: Со самото мое стапување на функција директор на ОУ, не ми е целта да раскарам па да владеам. Туку да создадам меѓусебна доверба, отвореност во работата со вработените во ОУ и секогаш да ги знаат проблемите што не очекуваат. Од самиот пречек на гостите и ангажираноста на моите колеги не само околу патронатот туку и во секојдневното работење мислам дека полека, но сигурно успевам да го ангажирам целиот персонал што ми е на располагање да функционира како целина.

WebOhrid: Во Вашата беседа пред присутните на патронатот рековте дека е време да се инвестира најмногу  во децата, во учениците за од нив да станат доблесни млади луѓе кои и понатаму ќе се развиваат на прав пат. Што всушност со тоа сакавте да порачате!?

Димоски: Пред се сакав да кажам да создадеме млади луѓе кој ќе бидат способни да се носат со новото време, новите технологии и новата писменост, а тоа е информатичката, интернетот, мултимедијата, едноставно да располагаат со многу податоци и информации за да можат да ги применат во животот понатака. Денес не е лесно човек да живее на село. Мислам дека, за да може да живее човек на село потребно е да познава многу вештини и знаење од повеќе области.

WebOhrid: Кои се Вашите други приоритети како директор-менаџер? Каде го гледате и какво училиштето „Дебрца“ по четирите години од вашиот мандат?! 

Димоски: Како и во цела Македонија така и ние затечени сме со намалувањето на бројот на ученици (бела чума). Мислам дека би бил среќен ако успеам да го задржам целиот наставен кадар, тој е доста млад, многу образован и вреден и другиот помошен персонал до крајот на мојот мандат. Со ново училиште во Оровник, реконстуирано во Требеништа, со ново училиште во Лешани. Едноставно да ги снема насекаде старите српски школи што се изградени во Дебрца од 1924 година до 1936 година, да се заменат со нови македонски школи на нашата Македонија.

IvanDimoskiIntervju02

WebOhrid