Интервју со секретарот на Општина Охрид, м-р Игор Бежоски
Секретарот на една Општина има одговорност да обезбеди ефикасно и ефективно работење на вработените во Општината во согласност со законите, обединување на работата, раководење со сите административни службеници и поддржување на работата на Градоначалникот.
Она што ја карактеризира работата на новата Локална власт во Охрид, е отвореноста кон граѓаните. Врвен приоритет во работењето на новиот секретар на Општина Охрид, м-р Игор Бежоски, како што вели тој во интервју за WebOhrid, е да придонесе во создавањe ефикасна општинска администрација, во која секој вработен ќе биде правично вреднуван за своето работење, а резултат од исполнувањето на оваа задача ќе биде сервисирањето на граѓаните со навремени услуги и оптимално задоволување на нивните потреби.
Секретарот Бежоски e убеден дека Охрид после четири години ќе биде уште попријатно место за живеење со многу посреќни граѓани. Во интервјуто, тој кажува и за тоа како ќе се решава проблемот со огромниот финансиски долг кој го има Општината.
WebOhrid: Колку е одговорна работата на Секретарот на една Општина?
Бежоски: Самиот факт што секретарот е второ поставена функција по хиерархија во општината веднаш по градоначалникот, доволно кажува за одговорноста на истата. Секретарот е одговорен за обезбедување на ефикасно и ефективно работење на вработените во општината во согласност со законите, обединување на работата, раководење со сите административни службеници и поддржување на работата на градоначалникот. Во таа смисла, на дневна основа ги следам сите актуелности кои се однесуваат на функционирањето на локалната власт, а тука се и редовните консултации и колегиуми со градоначалникот и непосредните раководители. Сето ова бара максимална одговорност, енергија и посветеност, што сега за сега не ми недостасува. Напротив, мотивите се секогаш тука.
WebOhrid: Беше ли за Вас предизвик да ја прифатите оваа раководна функција?
Бежоски: Природно е во секој човек да има амбиција да напредува во животот и во неговата кариера. Се разбира предизвикот постоеше, како проверка на знаењето кое сум го стекнал низ моето образование и работно искуство и верувам дека успешно на истиот ќе одговорам. Морам да истакнам дека оваа функција не дојде преку ноќ, туку е резултат на целокупниот досегашен мој работен ангажман. Јас претходно седум години имав раководна функција во „ОТЕКС“, фирма која за жал, како и многу други ја снајде лошата транзициска судбина. Доаѓајќи во Општина Охрид, каде сум од крајот на 2006 година, ги поминав скоро сите скалила во општинската администрација. Почнувајќи од Виш соработник за финансии и буџет, Советник-одговорен сметководител, Раководител на одделение за јавни набавки, до Раководител на одделението за сметководствово и плаќање, за денес да бидам Секретар на општината. Вербата во сопствените квалификации, знаењето и искуство да одговорам на оваа функција, беше причината, градоначалникот Стојаноски да ми ја даде довербата и да ме назначи за Секретар на Општина Охрид.
WebOhrid: Колку сте задоволни од својата досегашна работа? Дали воведовте/ќе воведите некои нови стандарди во работата?
Бежоски: Времето од моето назначување е навистина кратко, а агендата исполнета со многу средби, состаноци, решавање во од на најакутните прашања. Искрено не сум имал време да размислувам или да правам некаква рекапитулација на досега сработеното. Оставам на јавноста да ја даде оценката, а секако резултатите од нашето работење се единствениот критериум за задоволство или критика. Но, она што е неспорно и што ја карактеризира работата на новата локална власт, е отвореноста кон граѓаните. Секој ден кај мене е приемен ден за граѓаните и на тие средби искрено се трудам да им излезам во пресрет на нивните барања и потреби. Исто така, сите раководители во општинската администрација се цело време достапни за нашите граѓани. За многу кратко време ќе бидат отворени две канцеларии за советниците, во кои и тие во иднина ќе можат да имаат средби со граѓаните. Достапноста, директната врска со граѓаните и взаемното почитување, се гаранција дека никогаш нема да се работи зад нивниот грб. Впрочем, само по истекот на три месеци од доаѓањето на оваа локална власт, започнавме со собири на граѓани по урбани и месни заедници, со цел, граѓаните да почуствуваат дека нивниот глас е најважен.
Да напоменам дека отпочнавме со серија обуки за вработените, за подобрување и усовршување на нивните знаења и вештини, со што подобро ќе се одговори на предизвиците што ги носи иднината и ќе се зголеми ефикасноста во работата. Друга придобивка од овие обуки, е подобрување на комуникацијата на работното место, зголемување на сознанијата за методите и техниките за тимска работа, која кај вработените ќе промовира посветеност и дисциплина во работата. На овој начин сакаме да влијаеме на зголемувањето на мотивацијата на вработените, со што би се зајакнала нивната способност за градење и одржување на позитивни работни односи, што ќе влијае на зголемувањето на целокупната ефективност во локалната самоуправа. Крајната цел секако е задоволни граѓани.
Во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, се планира воведување на CAF стандардите (Common Assessment Framework), кои се однесуваат на управување со квалитетот во јавниот сектор. Со тоа ќе се воведат јасни процедури за управување со општината според светски норми и стандарди, како и модели на управување и јакнење на човековите ресурси.
Конечно, ги отворивме канцелариите во новиот дел од административната зграда на општината. Целата администрација за првпат сега е на едно место, распоредена по сектори и одделенија. Тоа ќе ја олесни меѓусекторската соработка и ќе овозможи граѓаните за сите нивни проблеми да се обраќаат на едно место.
WebOhrid: Одржавте многу средби со жители од Месните и Урбаните заедници. Што најмногу ги мачи нашите сограѓани, кои се нивните побарувања?
Бежоски: Како што веќе напоменав, започнувајќи од почетокот на февруари започнавме да одржуваме средби со жители од урбаните и месните заедници, со цел граѓаните да почуствуваат дека нивниот глас е најважен. Многу граѓани доаѓаат да го кажат својот проблем, без разлика дали тој воопшто е во наша надлежност, но затоа, ние сме тука да ги сослушаме и да се обидеме да најдеме солуција за нивниот проблем.
Скоро во сите месни (селски) заедници имаме барање за подобрување на водоснабдувањето, решавање на проблеми со канализацијата и отпадните води, изградба и подобрување на постојната патна мрежа, изградба на детски игралишта, реконструкција на училишта, изградба на потпорни зидови, чистење на речни корита и канали, доизградба на уличното осветлување.
Во урбаните (градски) заедници доминираат барања од областа на урбанизмот и донесување или измена на постоечките урбанистички планови, отворање и изградба на новопроектирани улици, решавање на проблемот со паркирањето во центарот на градот, изградба на детски и спортски игралишта и реконструкција на училиштата.
Ние ги информираме граѓаните, дека дел од нивните барања се во програмите за работа на општинските сектори и јавни претпријатија и за некои од нив веднаш ќе се реагира. Поголемите проекти ќе се решаваат во наредните години. Дел со средства од општината, дел со добивање грантови од различни фондови, а дел со помош од централната власт.
Планираме буџетот на општината од наредната година да биде креиран со активно учество на граѓаните, врз основа на нивните барања и приоритети од локалната сфера.
WebOhrid: Каква е соработката со Централната власт?
Бежоски: Со доаѓањето на чело на локалната самоуправа, ние како раководна структура на општината започнавме со искрена соработка со Централната власт. Последната средба на највисоко ниво со Претседателот на владата г-динот Зоран Заев, ја остваривме со градоначалникот Стојаноски на втори март годинава. Разговаравме за низа проблеми и идни проекти кои би ги работеле со владина поддршка. Како едно од најболните прашања кои се провлекува години наназад и кое беше основен проблем во функционирањето на општината во мандатите и на минатите градоначалници, е огромниот финансиски долг кој го има општината. Во однос на ова прашање, од страна на Претседателот на владата ни беше кажано дека се преговара со Светска банка, странски и домашни банки и се очекува до крајот на април да се изнајде решение со одобрување на кредит за општината по примерот на искуствата од Бугарија. Во врска со МЈП Проаква ни беше предочено дека државата со Закон ќе го преземе колекторскиот систем и можеби ќе функционира како јавно приватно партнерство. Разговаравме и во поглед на преостапување на поранешната касарната на општина Охрид и намената за која би се искористил целиот тој простор и објекти.
Разговаравме и за низа други проекти за кои би ни помогнала Владата на РМ како што се одржливо решение за Студенчишкото блато, изградба на марина, реконструкција на кејот, уредување на коритото на Коселска река и Грашница, враќање на Сатеска во старото корито, изградба на експресен пат Косел-Требеништа и реконструкција на патниот правец Охрид-Косел.
Врз основа на разговорите, се договоривме кон крајот на март да има седница на Влада на која ќе се стави посебна точка за Охрид на која Градоначалникот ќе ги презентира сите горе наведени проекти за кои бараме финансиска поддршка.
WebOhrid: На кои проекти моментално работи Општината?
Бежоски: Гасификацијата е еден од најголемите и најзначајни проекти во програмата за работа на општината. Овој процес е малку посложен и затоа ние сме во постојана координација со Советникот на Владата задолжен за енергетика, за начинот како да се изврши гасификацијата на општината. Очекувам веќе кон крајот на оваа година да започнеме со процесот на изведба на гасификациона мрежа во централното градско подрачје.
Што се однесува до реализирањето на проекти од програмата за работа на општинските служби и јавни претпријатија, во тек се или наскоро ќе започнат инфраструктурни зафати во повеќе урбани и месни заедници. Тука би ги истакнал целосното инфраструктурно уредување на улицата „Абас Емин“, дел до улицата „7 Ноември“, „15 Корпус“, реконструкција на домот во с.Лескоец и во Кошишта, градежни работи со поплочување на улици и потпорни ѕидови во стариот дел на градот како и реконструкција на плоштадот „Крушевска Репблика“ (Чинар) со дел од улиците „Гоце Делчев“и „7 Ноември“. Конечно се надевам дека ќе успееме да распишеме тендер за изработка на Сообраќајна студија за град Охрид.
WebOhrid: Кои се Вашите приоритети како Секретар? Каде ја гледате општина Охрид во наредните 4 години?
Бежоски: Врвен приоритет во моето работење е да придонесам во создавањето ефикасна општинска администрација, во која секој вработен ќе биде правично вреднуван за своето работење, а резултат од исполнувањето на оваа задача е, сервисирањето на граѓаните со навремени услуги и оптимално задоволување на нивните потреби. Ако тоа го постигнеме, после четири години убеден сум дека Охрид ќе биде уште попријатно место за живеење со многу посреќни граѓани.
WebOhrid: Колку функцијата Секретар има влијание врз Вашиот приватен живот, врз вашето слободно време? Имате ли доволно слободно време?
Бежоски: Функцијата Секретар на општина бара голем ангажман, но тоа барем засега не ми претставува проблем. Напротив. Со огромна посветеност, заедно со градоначалникот и потесниот негов тим секојдневно работиме и повеќе од 10 часа, често и преку викенди. Како што и предходно објаснив, повеќе од еден месец сме на средби со граѓаните, останувајки и до 21:00 часот. И кога не сум на работа, мора да бидам достапен како за граѓаните така и за вработените во општината. Граѓаните имаат големи очекувања од нас како локална самоуправа и уверен сум дека нема да ги изневериме. Што се однесува до делот за приватниот живот, јас сум истата личност и по назначувањето на сегашнава функција. Се дружам со истите пријатели, пијам кафе во истите кафулиња како и претходно. Ниту сум променил нешто ниту имам намера. Оние кои ме познаваат знаат дека сум секогаш лесно достапен и комуникативен.
Што се однесува до моето слободно време и потесното семејство, имам цврст став дека, секој човек треба и мора да има време за своите најблиски, без разлика на обврските. За мене моето семејство е неисцрпен извор на енергија и затоа секој слободен момент го користам да бидам со нив.
WebOhrid: Која порака би им ја оставиле на охриѓани?
Бежоски: Охрид е мое минато, моја сегашност и моја иднина. Во Охрид сум роден, во најубавата населба, позната како Бараки го поминав детството, тука се школував, и тука планирам да останам. Време е да си го средиме нашиот Охрид и да го направиме подобро место за живеење. Да направиме нашите деца да останат тука, а не да се радуваме ако успеале да заминат од Охрид и Македонија. Време е да ја надминеме политичката адолесцентна нетрпеливост помеѓу нас граѓаните. Да почнеме да живееме, а не да преживуваме. Охрид да го направиме вистински посакувано место за живеење, во годините и децениите кои се пред нас.
WebOhrid